Македонија
По 10 000 денари за млади талентирани спортисти во општина Аеродром
Општина Аеродром објави оглас за доделување еднократна парична помош во износ од 10 000 денари по лице на талентирани спортисти до 28-годишна возраст.
„Со оваа мерка им овозможуваме на нашите млади подобри услови за напредок, го поттикнуваме развојот на спортот во општината и ги враќаме парите кај граѓаните“ – изјави градоначалникот Златко Марин.
Право на пријавување имаат сите заинтересирани спортисти аматери, односно лица што не остваруваат приходи од спортот, вклучително и лица со телесен инвалидитет, кои се спортисти аматери, а се истакнале со досегашните постигнати резултати во одреден спорт. Тие треба да се со адреса на живеење на подрачјето на општина Аеродром и со своите спортски активности да придонесуваат за развој на спортот.
За оваа мерка се предвидени вкупно 600 илјади денари од буџетот на Општина Аеродром.
Огласот за пријавување трае 10 дена од неговото објавување, односно заклучно со 28 октомври, а спортистите аматери се должни кон пријавата да ги наведат причините и намената за кои ги бараат финансиските средства.
Пријавата може да се преземе од веб-страницата на Општина Аеродром и со целокупната документација треба да се достави преку пошта на адреса Општина Аеродром бул. „Јане Сандански“ бр.109б, 1000 Скопје или во архивата на Општината од 8:30 до 14:00 часот, со назнака – За поддршка на талентирани спортисти за 2018 година.
Повеќе информации за критериумите и за начинот на аплицирање можат да се најдат во самиот оглас, објавен на веб-страницата на Општина Аеродром на следниот линк: http://aerodrom.gov.mk/vest/1986.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Протести во повеќе градови: вработените во Македонска пошта без јануарската плата
Незадоволството меѓу вработените во Македонска пошта не стивнува. Во повеќе градови низ државата денес излегоа на протест оти сè уште не ја зеле јануарската плата.
Претседателот на синдикатот, заедно со вработените, порача дека протестните активности ќе продолжат сè додека не се исплатат заостанатите плати.
Од синдикатот велат дека раководството било навремено информирано дека доколку платата не биде исплатена најдоцна до 15 јануари, протестите ќе почнат без одлагање.
„Наместо одговор, добивме молк“, велат вработените.
Во врска со протестот се огласија и од опозициската СДСМ, од каде што порачаа дека додека работниците немаат за леб, во Пошта се делат милионски тендери.
„СДСМ веќе го објави скандалот, како фирма на советникот од ЗНАМ, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер од Пошта во вредност од 1,2 милиони евра за чистење. Но за овој сканадал со тендерот во Пошта нема никаква реакција од ниту една институција досега. Што се чека?“, велат од партијата.
Засега, од менаџментот на Македонска пошта нема официјален став за причините за доцнењето на платата.
Македонија
СДСМ со пакет амандмани: промена на членот за злоупотреба на службената положба, без рок за конфискација и 48 часа за снимките од „Безбеден град“
Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Како што соопштуваат од партијата, при подготовката на амандманите биле земени предвид аргументите на експертите и на невладините организации изнесени на јавната расправа, како и заложбите на СДСМ за прецизни законски решенија што ќе обезбедат услови за борба против криминалот и корупцијата.
Со амандманите, СДСМ бара измена на членот 353 – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и враќање на решението што важеше пред измените на Кривичниот законик од 2023 година.
„Сегашните измени кај членот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите. Ова мора да се промени“, велат од СДСМ.
Партијата бара и целосно бришење на рокот од пет години за конфискација на имот, наведувајќи дека имот стекнат со криминал мора да се конфискува без разлика кога е украден.
„Правдата и украдените пари на граѓаните не смеат да имаат рок на траење“, додаваат од СДСМ.
Со амандманите се предлага и дигиталните податоци и снимки од системот „Безбеден град“ да се бришат во рок од 48 часа.
„Пристап до нив може да има само и исклучиво со судски налог. Не може да се дозволи МВР да го злоупотребува системот и тој да биде партиски инструмент за следење и уцена на граѓаните“, велат од партијата.
Дополнително, СДСМ бара драстично зголемување на казнената политика за секој што се организира во група за вршење тешки кривични дела, со јасно разграничување и максимални казни за мафијашките структури.
Се предлага и зајакнување на кривично-правната заштита на децата од најтешките форми на експлоатација, при што, како што наведуваат, нема место за компромис или благи казни.
„Покрај овие клучни столбови, СДСМ со амандмани бара и проширување на условите за конфискација, за имотот да не може да се сокрие зад туѓи имиња и параван-фирми“, соопштуваат од партијата.
Македонија
Општина Илинден: За првпат се воведува финансиска поддршка за првачиња
Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, соопштија од општината.
„Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици“.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост, како што појаснуваат, се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. Тоа додаваат од таму, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
„Во рамки на поддршката на млади семејства, општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој“.

