Економија
(Видео) Николовски: Ќе се изберат нови 12 локации за окрупнување на земјоделското земјиште
Европската Унија, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работат заеднички на започнување на првиот циклус на посложени интегрирани проекти за консолидација на земјоделско земјиште на поголеми подрачја во државата. Тука се вклучени и посериозни инфраструктурни инвестиции, како дел од националната програма за консолидација.
„Крајната цел на овој проект е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини, да се реши проблемот со напуштање на обработливото земјоделско земјиште и, секако, да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси“, изјави министерот Љупчо Николовски.
Тој најави дека во текот на следниот период ќе почне избор на нови 12 локации во државата, за окрупнување на земјодлското земјиште.
На денешната работилница проектниот тим на МАНЛАНД го претстави планот за спроведување на студиите за изводливост во претстојните месеци. Конкретно, во пет од избраните области за консолидација на земјиште започнува спроведување на студии за изводливост, како прва фаза од постапките за консолидација на земјоделско земјиште. Се работи за селата Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари.
Во периодот до март 2019 година, избрани геодетски компании од земјата ќе работат директно со земјоделците и локалните заедници на проценка на моменталната состојба на терен, утврдување на подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште да се вклучат во процесот на консолидација, идентификување на индивидуалните потреби, како и проверка дали се задоволени сите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата на земјиште, во секоја од избраните области.
Избраните геодетски компании минатата недела ја добија првата обука во рамки на проектот за техничките аспекти за спроведување на претстојните студии за изводливост. Од утре, заедно со проектот МАИНЛАНД и МЗШВ тие ги започнуваат првите средби со земјоделците во селата Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари.
Како краен резултат студиите ќе покажат дали консолидацијата на земјиште е изводлива во секое од подрачјата. Истите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од подрачјата, а исто така ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во земјоделска инфраструктура согласно со потребите во секоја заедница.
Проектот МАИНЛАНД (Воведување на национална програма за консолидација на земјиште) е финансиран од Европската Унија и го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Ова е голема поддршка за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра, 2,5 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ и 61,2 илјади евра придонес на ФАО. Проектот се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

