Македонија
(Видео) Арсовски: Веднаш нека се стави на гласање точката за уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ е против

По вчерашната координација, ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е дециден, не го поддржуваме капитулантскиот договор и ќе ја почитуваме волјата на граѓаните искажана на референдум, рече на денешната прес-конференција портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски.
„Нека ја стават веднаш точката на гласање. Пратеничкта група е компактна и децидна против договорот. Нека помине гласањето кое ќе биде ‘против’ од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа треба техничка влада и исполнување на другите услови кои ги испорачавме во однос на изборите“, истакна портпаролот.
Арсовски претходно зборуваше за политиките на СДСМ кои според него довеле државата да биде лидер во светот според недоверба во судството, потенцирајќи дека од 140 земји се наоѓа на 128 место во категоријата независно судство според Светскиот економски форум.
„Во категоријата организиран криминал Република Македонија меѓу лидерите во светот кои имаат најразвиен организиран криминал и e помеѓу во првите 10 земји во светот со најразвиен организиран криминал. Своевремено пред да дојде СДСМ на власт Македонија беше на врвот на листата на „Дуинг Бизнис“, а сега на врвот на листата според организиран криминал и заробено судство во светот. Замислете, од 140 земји ние сме на 131 место според организираниот криминал“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Алиу: Во рекордно време реализиравме над 1.250 вработувања во јавно здравство

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со заменик министерот, Јовица Андовски, ги поздравија присутните на отворањето на 27. Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
„Во рекордно време реализиравме над 1.250 вработувања во 85 јавни здравствени установи низ државата, како дел од стратешкиот процес на кадровско зајакнување на здравствениот систем. Паралелно го спроведуваме и процесот за вработување на приватните специјализанти, со кој решаваме децениски егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници. Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита е наш партнер со кој со заеднички заложби работиме на унапредување на статусот на секој здравствен работник во државата“, истакна министерот Алиу во видео-обраќањето.
Воедно, тој порача дека Владата реализираше значајно зголемување на платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува дури 6.200 денари. Оваа мерка значи суштинско вреднување на трудот на медицинскиот персонал.
Заменик министерот Андовски, пак, кажа дека Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот.
„Го почитуваме достоинството на докторите и целиот персонал кои се чувари на здравјето на граѓаните. Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот и заеднички продолжуваме да ги решаваме сите отворени прашања и предизвици, со цел да излезаме во пресрет на здравствените работници и секако на пациентите“, рече во своето обраќање заменик министерот Андовски.
Македонија
Времето денеска ќе биде претежно сончево со слаб до умерен северен ветер

Времето денеска ќе биде претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен.
Во Скопје ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе искачи до 31 степен.
Од Управата за хидрометеорошки работи информираат дека за време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот, а потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.