Македонија
Седницата за уставните измени продолжува денеска, гласањето неизвесно

Расправата за уставните измени продолжува денеска напладне во Собранието. За дискусија се пријавени уште петнаесеттина пратеници, повеќето од нив од парламентарното мнозинство бидејќи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се повлече од дискутирање и побара веднаш да се гласа.
На почетокот на седницата се очекува да говори пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците, а по него за дискусија е пријавена пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија. Гласањето, сепак, е неизвесно дали ќе се случи во текот на денот ако се има предвид дека секој од пријавените говорници има право да зборува 20 минути, а од СДСМ не ја исклучуваат можноста ВМРО-ДПМНЕ сепак да го користи правото да реплицира.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, вчера рече дека ќе се пристапи кон гласање по исцрпување на дискусијата и уште еднаш ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и да покажат дека се за ЕУ и НАТО, за разлика од нивниот лидер Мицкоски. Во спротивно, Тунтев не ја исклучува опцијата за брзи избори. За разлика од нив, ДУИ не сака ниту да зборува за можни предвремени избори, туку ги повикува сите 120 пратеници да гласаат „за“. Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека нивната пратеничка група е компактна и децидна дека е против уставните измени.
Најголем оптимист се чини останува премиерот Зоран Заев, кој вчера рече дека верува во чуда и дека не губи надеж за обезбедување двтретинско мнозинство.
„Јас верувам дека до утре, секако, дека ќе се соберат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство и да се даде дозвола за почнување на постапката за уставните промени“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.