Македонија
Обвинение против Миленко Неделковски за статусот на „Фејсбук“ за жртвите од пожарот во Грција

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави обвинителен предлог против новинарот Миленко Неделковски поради ширење расистички и ксенофобичен материјал на интернет.
„Тој се товари дека на 24.07.2018 година, преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно со Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години“, се наведува во соопштението.
Во текот на истрагата, како што се наведува, надлежниот јавен обвинител преку МВР – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, обезбеди детален документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на осомничениот на социјалната мрежа, како и други докази. Како што се наведува, Неделковски не дал свој исказ пред надлежен јавен обвинител бидејќи не бил достапен на неговата адреса за да му биде врачена поканата.
Обвинителството имаше увид и во дадените коментари од други лица кон објавениот текст на осомничениот, но притоа оцени дека од кривично-правен аспект постојат основи за постапување само против осомниченото лице, бидејќи тој врз основа на својот општествен статус и професијата што ја извршува, со објавата ги поттикнал останатите коментари во јавноста“, се додава во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.