Македонија
Сашо Василевски: Не можам да кажам дали ќе гласам за уставни измени
Не можам ништо да ви кажам. На координација сум, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски за „Макфакс“ прашан дали ќе гласа за уставни измени.
„Ќе видите“, додаде тој и не ја исклучи можноста да даде зелено светло за почеток на уставните промени.
Прашан дали по координацијата ќе има став, тој повтори дека тоа ќе го види јавноста за време на гласањето. Василевски не одговори дали ќе оди против партискиот став.
Пратеникот утрово пристигна во Собранието и се напи кафе со своите колеги пратеници. Координацијата неофицијално требаше да се одржи во 10:30, но таа почнала подоцна.
Василевски, кој беше обвинет за настаните од 27 април, во вторникот беше пуштен од куќен притвор, со гаранција од 400 илјади евра по изјавата на премиерот Зоран Заев дека нуди помирување за крвавиот четврток.
Расправата за уставните измени продолжува денеска во Собранието. За дискусија се пријавени уште петнаесеттина пратеници, повеќето од нив од парламентарното мнозинство бидејќи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се повлече од дискутирање и побара веднаш да се гласа. Гласањето, сепак, е неизвесно дали ќе се случи во текот на денот ако се има предвид дека секој од пријавените говорници има право да зборува 20 минути, а од СДСМ не ја исклучува можноста ВМРО-ДПМНЕ сепак да го користи правото да реплицира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

