Економија
(Видео) Николовски: Силно сме посветени на развој на органското производство
„Политиките и мерките на Владата и ресорното министерство се во насока на зголемување на органското производство, како и подигање на јавната свест за значење на ова производството во севкупната исхрана на луѓето. За таа цел, преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, нудиме мерки што ќе го поттикнат развојот на органското производство. Субвенциите за примарното органско производство од 61 милиони денари оваа година ги зголемивме на 81 милиони денари оваа година. Поддршката во зависност од органската културата е до 100 отсто повисока од субвенциите наменети за конвенционалното производство, изјави министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој присуствуваше на завршниот настан организиран од швајцарската амбасада, заедно со амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Зутер Техада.
МЗШВ неодамна го стави во функција Регистарот на органски производители. Тој има значајна улога за зголемување на довербата на потрошувачите во системот на органско производство, соработката помеѓу сертифицираните органски производители, трговците и преработувачите на органски производи.
Паралелно, МЗШВ интензивно работи на промоција на македонските органски производи и мотивација кај младите земјоделци да се вклучат во овој сектор. Така, во новиот повик за финансиска поддршка од неповратни 10 000 евра за млади земјоделци од Програмата за рурален развој предност ќе имаат оние коишто ќе одлучат да се занимаваат со органско производство.
Во насока на зголемување на органското производство, наскоро ќе биде објавен оглас за закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари, на кој предност ќе имаат повторно органските производители. Македонија е во напредна фаза на усогласување со европските регултави во делот на органското земјоделство, што беше нотирано и во последниот извештај на европската комсиија.
Преку проектот „Консолидација на локалните органски сертификациски тела“ -„Консерт“, Швајцарија, го поддржа македонско тело за органска сертификација, „Балкан биосерт“, да ја воведе и задржи акредитацијата за меѓународно бараните органски и други сертификациски услуги. Овој проект значително придонесе за развој на органското земјоделство и подобар пристап на органските извозници од Македонија до меѓународните пазари. Негова крајна цел е да ја намали сиромаштијата на малите и средни земјоделци во Источна Европа, преку промовирање на трговијата со сертифицирани органски производи и олеснување на пристапот на органските фармери кон европскиот и швајцарскиот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

