Македонија
Царовска: Со владините политики се подобрува родовата еднаквост

Владините политики за подобрување на нееднаквостите помеѓу жените и мажите се во вистинска насока, а државата прави сè во своја моќ за што повеќе жени да бидат вклучени на пазарот на труд, изјави министерката Мила Царовска на денешната презентација на индексот за родова еднаквост во општините, изработен од невладината „Реактор“ во соработака со УСАИД.
„Според деталите што имав можност да ги видам, 7 жени наспроти 10 мажи работат во општините каде што има градинки, а 4 жени наспроти 10 мажи во општините каде што нема. Токму ова ме радува и ми дава уште повеќе енергија да отвораме детски градинки во руралните средини и во општините каде што досега ги немаме. Ние како Влада веќе работиме на подобрување на оваа состојба со тоа што годината ќе ја завршиме со 24 новоотворени градинки. Од нив, 11 се веќе отворени, а до крајот на 2018 планираме да отвориме уште 13. Истовремено, го зајакнавме кадарот со 1.025 вработувања, а ги подобруваме предучилишните програми“, изјави министерката Царовска.
Овој индекс, кој првпат се изработува во Македонија, рече Царовска, ни дава основа за да можеме да видиме дали се движиме во вистинска насока со сите политики, но и обврска да го изработуваме секоја година. Истовремено, Министерството за труд и социјална политика со Европскиот институт изработува национален родов индекс, чии резултати набргу ќе ѝ бидат достапни на јавноста.
Истражувањето за подготовка на индексот беше спроведено во сите 81 општина во Македонија, а беа анализирани три главни области: родовиот јаз, соодветни услови и родово одговорна општина.
Освен министерката Царовска, на презентацијата учествуваа и директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој, Едвард Гозалес, како и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Доаѓа невреме – силен ветер, пороен дожд и град ќе ја погодат Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, во понеделник и вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
„Процесите ќе бидат поинтензивни особено во текот утрешниот ден кога локално ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2), силен ветер (над 60км/ч) и изолирана појава на град“, велат од УХМР.
Според најавите, од среда ќе преовладува претежно стабилно и потопло време со пораст на дневната температура.
Во Скопје, утре и во вторник времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има појава на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
ЦУК: Четири активни пожари во Македонија, 2 под контрола

Центарот за управување со кризи информира дека на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои: 4 се активни, 2 се под контрола, а9 се изгаснати.
Активни пожари: 4
1. Општина Чашка – над Богомила (мешана шума)
2. Општина Куманово – с. Слупчане (нискостеблеста шума)
3. Општина Студеничани – с. Дречавица (шумски пожар во планински терен)
4. Општина Македонски Брод – с. Грешница (деградирана нискостеблеста шума)
Под контрола: 2
1. Општина Долнени – с. Стровија, позади место викано Гајдарец-Клепало (нискостеблеста шума)
2. Општина Желино – с. Церово (мешана шума)
Изгаснати се пожарите во Берово, Брвеница, Струмица, Гевгелија, Куманово, Крушево, Долнени, Струга и Студеничани.
Македонија
(Видео) Избувнаа повеќе нови пожари – „Во Македонија има многу граѓани кои не ѝ мислат добро“, вели Михаилов

Попладнево низ повеќе делови од Македонија се појавија нови пожари, откако претпладне беше стабилизирана состојбата на теренот.
Надлежните институции реагираат со интервенции на копно и од воздух.
Информации објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
„Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам!
Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража!
Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!
Откако ја стабилизиравме целосно состојбата и со добра координација на Главниот Штаб на Македонија до пладне го решивме и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе имаме пријава за неколку нови пожари!
После пладне е пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот Штаб беа упатени сили на ЈП “Македонски Шуми” , екипи на МВР и месно население, а таму на помош беше пратен и делуваше од воздух еден хеликоптер.
Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС!
Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кој во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите!“, напиша Михаилов на ФБ.