Македонија
Беса: Во елитната единица „Тигри“ нема ниту еден Албанец

Етничката дискриминација продолжува иако речиси 3 години имаме нова влада, и тоа со политичари кои додека беа во опозиција, повикуваа на правда и еднаквост за сите граѓани, реагираат од Беса.
„Во елитната единица “Тигри”, од нејзиното основање, ниту еден Албанец немал можност да ја носи униформата на оваа единица, иако истите се дел од некои слични единици, кои исто така, поминуваат низ истите тестови, што е доказ дека и кај Албанците, имаат професионално обучени лица кои можат да бидат дел од оваа единица“ се наведува во реакцијата.
Движењето Беса цени дека иако министерот Спасовски сака да го оправда неучеството на ниту еден Албанец во единицата “Тигри” со фактот дека етничката припадност не е критериум и причина да се биде дел од единицата, минатото владеење, но за жал и сегашното владеење кое дојде со мотото “живот за сите” продолжува со истиот пристап каде што етничката припадност се чини дека е пречка за учество во овие елитни единици.
„За жал, исто така мора да констатираме дека албанските партии кои се дел од владината коалиција, со своите пасивни ставови помогнаа Албанците да продолжуваат да бидат дискриминирани како што е случајот со специјалната единица “Тигри”. Го прашуваме министерот за внатрешни работи Спасовски, дали постои неформална заклетва дека некои од единиците треба да останат етнички чисти без присутни Албанци“ додаваат од Беса.
Движењето Беса, бара од министерот за внатрешни работи и владата, вклучувајќи албанските претставници во коалицијата, со нивниот капацитет да се ангажират во борба против етничка дискриминација во секоја сфера, за да имаме мултиетнички институции кои ќе ја отсликуваат општесвената реалност во земјата. Исто така, бараме од албанските претставници во владината коалиција да го дадат својот придонес во интерес на Албанците, а не само за нивните лични и групни интереси.
По промената на режимот, продолжувањето на статус кво и стариот менталитет е неприфатлив за Движењето Беса и граѓаните на земјата, бидејќи патот кон НАТО и ЕУ, не може да се постигне со ваква дискриминација кои им се прави на Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани

Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„За неколку години, оваа фирма доби над 200 милиони евра во тендери, а дел од тие пари потребно е да се истражат дали завршиле во фирмите на Заев и Филипче во Бугарија. Поради сиве овие местенки и испумпувања на буџетот, како и заштита од поединци од судството на Заев и Филипче, сопственикот на Марковски компани доби куќен, наместо затворски притвор.
Една од историско најголемите зделки во РЕК и ЕСМ, ја добила токму Марковски компани, од неверојатни 46 милиони евра.
Иако, на овој тендер се пријавиле и други фирми со 30% пониска цена, Заев и Филипче овој тендер му го доделиле на Марковски компани.“, се вели со партиското соопштение.
Прашањето кое остана неодговорено е каде завршиле овие дополнителни 30% средства, односно во бројка околу 14 милиони евра? Дали овие 14 милиони евра завршиле на сметка на фирми на Заев и Филипче во Бугарија? Зошто Заев и Филипче молчат?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„На ваков начин СДС работеше долги година на власт. Тендери си делеа неколку луѓе од врвот, како Заев и Филипче, а потоа си ги делеа и си инвестираа во фирми. Од друга страна, беа заштитени од страна на судството и обвинителството, кое тие го држат под контрола. Затоа, ги повикуваме граѓаните, да го поддржат бројот 9, и да го направат вистинскиот избор. Со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина“, завршуваат од владејачката партија.
Македонија
Последна седмица од кампањата за локалните избори 2025

На една седмица од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжуваат со претставување на своите програми и кандидати пред граѓаните. Денеска се најавени митинзи и директни средби во повеќе општини низ државата.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги претстават своите кандидати во Чучер-Сандево, Свети Николе и Штип, додека СДСМ има најавено активности во Ново Село, Босилово, Василево, Радовиш и во Струмица.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се обрати на прес-конференција што ќе се одржи во 10:30 часот во неговиот Штаб наспроти „Тренд“ во центарот на Скопје.
Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата ќе даде изјава за медиумите во Градски парк кај Кермез во 11:30 часот.
Со почеток во 12:00 часот, кандидатот на Вреди за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, ќе одржи прес – конференција во неговиот изборен штаб на плоштад Скендербег.
Прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје денеска напладне ќе одржи потпретседателот на Демократската унија за интеграција Арбер Адеми на која ќе се обратат и кандидатот за градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, и кандидатот за градоначалник на Јегуновце, Насир Абази.
Кампањата официјално завршува на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност

Времето во Македонија денеска претпладне ќе биде променливо облачно, во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и дневни температури од 16 до 22 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.