Соопштенија
(Видео) Ковачевиќ: Владата крати 2 милиона евра наменети за животната средина, а троши за набавка на луксузни производи

Kриминалната влада на Зоран Заев има пари за сè, само за потребите на граѓаните не, обвини Виолета Ковачевиќ од ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели таа, СДСМ од опозиција ветуваше:
„Зголемување на инвестициите за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот, а од позиција на власт крати 2 милиона евра од буџетот наменети за заштита на животната средина.
Човекот што дрско одеше и ветуваше квалитетен амбиентален воздух, сега ни на крај памет не ја става животната средина како една од приоритетите на граѓаните.
Две години подоцна откако Зоран Заев ги изманипулира граѓаните, наместо за подобрување на квалитетот на воздухот, парите на граѓаните ги троши на милионски тендери во четири очи, за набавка на луксузни производи, цвеќиња за владата од 670 илјади евра, кафе за 40 илјади евра, морам да ги споменам и фантастичните 1 милион и 600 илјади евра за лубриканти.
Од друга страна, мерните станици за квалитетот на воздухот на повеќе локации не функционираат, а во буџетот нема пари за нови. Но, Владата треба да знае дека тоа што на места нема мерни станици не го менува фактот дека воздухот е загаден.
Град Скопје, а и други градови од внатрешноста, кои минатата година соборуваа рекорди во загаденост на воздухот, ниту оваа зима нема да ги заобиколи овој проблем бидејќи власта не направи ништо од она што го ветуваше.
Министерството за животна средина, кое е најповикано во однос на овој проблем, една и пол година нема направено ништо за животната средина, нема активности, нема нови проекти, а дури и повеќето од планираните проекти се одложени.
ИПА-проектите доцнат, а најклучните, како двете регионални депонии, се доведени во прашање. Може да се случи поради несериозниот пристап и непрофесионалност на градоначалниците од СДСМ, да се изгубат повеќе од 50 милиони евра.
Тука да не го заборавиме и проектот за колекторот за Охридското Езеро, кое во исто време навестува голема загриженост, а токму власта нема ниту денар ниту идеја како да се почне со овој проект.
Со ветувањата дека ако почнеме преговори со ЕУ, ќе добиеме многу средства со компензациските фондови, се поставува прашањето каде и како ќе ги потрошат кога не знаат да ги искористат ниту овие што сега им се на располагање, а очигледно сето тоа е поради немањето ни идеја ниту, пак, стручност за понатамошна реализација.
Ако не беше владата на ВМРО-ДПМНЕ, немаше да ги има ниту пречистителните станици во Берово, Гевгелија, Волково, Радовиш, Струмица, Кичево, Прилеп, Карбинци, Ново Село, а и многу други проекти за кои имаме подготвено техничка документација.
Тоа е разликата: во искрената посветеност, професионалност и желба за подобра животна средина на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Карактеристичните лажни ветувања без реализација, но и без срам за нивно нерелизирање од страна на СДСМ. Токму затоа оваа неодговорна власт мора да си замине“, порача Ковачевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Делегација на Американскиот совет на млади политички лидери (ACYPL) во посета на „Алкалоид“

Во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, претставници на Американскиот совет на млади политички лидери (ACYPL) остварија работна посета на „Алкалоид“.
Целта на посетата, трета од ваков тип, е запознавање на различни тимови млади лидери со условите и со начинот на работа во најуспешните македонски приватни компании.
За време на посетата, гостинската работна група, предводена од алкалоидовиот тим на чело со Генералниот директор и Претседател на УО Живко Мукаетов, имаше можност одблизу да се запознае со постигнатите резултати од работењето, инвестициските проекти кои континуирано ги реализира компанијата низ годините, извозните операции, како и со континуираните проекти за општествена одговорност во корпоративната агенда на „Алкалоид“.
Дневниот ред на работната средба опфати и обиколка на компаниските производствени капацитети во сегментот фармација и на Институтот за истражување и развој. Посебен акцент беше ставен на деловните операции во САД, каде што „Алкалоид“ АД Скопје во 2005 година основаше своја подружница во Њу Олбани, Охајо.
Освен пласманите на чаеви од програмата Good Nature и на детска козметика од брендот Becutan, „Алкалоид“ е партнер од избор на неколку реномирани американски фармацевтски компании со кои има различни форми на соработка, како на пример лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи.
Членовите на делегацијата, меѓу кои г. Нејтан Алонзо, г-ѓа Тори Мaри Блу, г-ѓа Кeси Чејмберс Армстронг, г. Томи Чој, г. Тимоти Регланд, г. Едвард Штокхаузен и г-ѓа Џесика Страм, го истакнаа своето задоволство од постигнувањата и од глобалната позиционираност на „Алкалоид“, особено во сегментот на деловните активности на компанијата на американскиот пазар.
Од своето основање во 1966 година, ACYPL, преку бројни програми за размена, им овозможува на своите членови да развијат глобална политичка и бизнис-перспектива и да изградат значајни меѓународни партнерства.
Досега, со континуирана поддршка од американскиот Стејт департмент и од бројни партнери, над 9.200 лидери од САД и од уште 137 земји низ светот зеле учество во инспиративните програми за размена на оваа интернационална мрежа.
(ПР)
Соопштенија
Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и компанијата „Зегин“ донираа апарат наменет за лица со нарушување од аутистичниот спектар

Денес, Фондацијата д-р Верица Механџиска и компанијата Зегин донираа апарат TMS M50 Ultimate, наменет за подобрување на социјалната интеракција и комуникациските вештини, регулирање на сензорната хиперактивност и подобрување на когнитивната флексибилност на лицата со нарушување од аутистичниот спектар. Овој апарат, кој се донира на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологијата на вербалната комуникација претставува огромен исчекор во третманот и намалувањето на симптомите и предизвиците поврзани со аутизмот.
Директорката на Центарот за рехабилитација на патологијата на вербалната комуникација Нермин Теловска истакна дека оваа донација е од огромна важност бидејќи апаратот освен во директната работа со лицата со нарушување од аутистичниот спектар и бенефитите кои ги нуди, има напреден и современ софтвер и одлични функции за собирање и разработување на податоци кои ќе овозможат и истражувања и донесување на одлуки и протоколи базирани на податоци.
Оваа активност е директен резултат на трката со хуманитарен карактер „Зегин Спектратон-Трка на херои во сите бои“ која ја реализира Фондацијата д-р Верица Механџиска заедно со Зегин каде граѓаните преку трчање и спортски активности испраќаат моќна порака за еднаквост, солидарност и емпатија и со своите котизации поддржуваат создавање на инклузивно општество и позитивни промени за заедницата. Трката, која прераснува во традиционален настан, оваа година беше повод граѓаните да трчаат и да донираат за 4 активности, кои освен веќе-споменатиот апарат TMS M50 Ultimate, предвидуваат и опремување на сензорна соба во Здружението Рубико во Кочани, реновирање и доопремување на просториите во одделот за психофизиологија при Клиника за детски болести каде се нуди специјализирана грижа и третмани за децата со нарушување од аутистичниот спектар, како и бесплатна програма за рана проценка за нарушување од аутистичниот спектар која ќе ја спроведе Здружението Сина светулка.
Предвидените активности се доказ дека заедно можеме многу и со вклучување на сите хумани поединци и компании можеме да придонесеме кон создавање на позитивни примери и вредности за заедницата во целост.
(ПР)
Соопштенија
Приклучете се на Халкеко за активно лето со екопридобивки

Летото е период кога природата нè повикува да се движиме, да излеземе надвор и да го почувствуваме ритамот на животот. А кога тоа движење станува дел од иницијатива со вистинска еколошка вредност, секој чекор добива поголема смисла. Токму таква е мисијата на ХалкЕко, зелената платформа на Халкбанк која обединува луѓе околу заеднички вредности – грижа за природата, лична одговорност и фокус кон позитивна промена.
ХалкЕко не е обична апликација која само брои километри. Таа претставува целосно движење што ги менува навиките. Платформата нè мотивира да пешачиме, да планинариме, да трчаме, да возиме велосипед или едноставно, да ја одбереме поеколошката алтернатива во секој момент. За секоја активност, корисниците добиваат еко-поени кои може да се искористат за конкретни придобивки. Но, уште поважно, секој наш чекор придонесува за засадување нови дрвја и создавање поздраво и почисто опкружување, како дел од иницијативата што ја презема Халкбанк. Така сите заедно стануваме дел од мисијата со јасна цел, намалување на еколошкиот отпечаток и создавање поодржлива и позелена заедница.
Во изминатите пет години, Халкбанк има засадено околу 100.000 дрвја, уредено повеќе јавни простори, организирано спортски и едукативни настани, како и проекти за подигнување на еколошката свест кај младите генерации.
Ова лето е вистински момент да се приклучиме кон оваа промена. Дури и со најминималните активности во нашата најблиска околина, можеме да го намалиме негативниот белег кој го оставаме зад нас, додека истовремено се грижиме за сопственото здравје и благосостојба. ХалкЕко е потсетник дека одржливиот начин на живот не е секогаш сложен како што изгледа – доволни се мали чекори што имаат големо значење.
Токму овој период е од посебна важност бидејќи природата повторно се соочува со сериозни предизвици. Голем број пожари уништија значајни шумски површини низ нашата земја. Затоа, како дел од иницијативата „Еден милион садници за пет години“, Халкбанк во соработка со ЈП Македонски шуми наесен ќе започне со нов бран пошумувања на најпогодените локации. Оваа акција е продолжение на посветеноста на Халкбанк кон општествено одговорно делување и заштита на животната средина.
Приклучете се на ХалкЕко и направете го вашето лето активно, исполнето со движење и корисно за природата. Движете се повеќе, живејте одговорно и оставете зелен отпечаток зад себе. Затоа што иднината што ја посакуваме започнува од нас, од секој изминат километар и секое засадено дрво.
(ПР)