Свет
Австралија вратила 3.300 азиланти на 33 чамци
Повеќе од 3.300 баратели на азил на 33 чамци биле запрени во близина на брегот на Австралија и биле вратени назад во последните пет години, објави во вторникот министерот за внатрешни работи, Питер Датон, пренесува „Брејтбарт“.
Нелегалните баратели на азил биле откриени од страна на Операцијата Суверени граници (ОСГ), која од септември 2013 година запре околу 80 операции за шверцување луѓе. Оние кои се обидуваат да влезат со брод не се единствените илегалци на листата за одбивање на Канбера.
Австралија во моментов е единствената земја во светот која предвидува строг притвор на илегалните мигранти и барателите на азил кои избегнуваат гранични контроли. Секој кој влегува или се наоѓа во Австралија без важечка виза е затворен во офшор-притворските центри. Спротивно на тоа, Европската Унија продолжува да ги пренесува емигрантите пресретнати на море на територија на унијата и повеќето мигранти не се под контрола додека се обработуваат нивните барања за азил .
„Заканата од шверц со луѓе сигурно не исчезна”, изјави Датон во парламентот.
Тој додаде дека владата знае за организираните синџири на шверц со луѓе во Индонезија и други државии посочи дека имало 52 успешни прекини на вакви синџири во Индонезија, во споредба со 15 во Шри Ланка, 10 во Малезија и еден во Пакистан.
Датон рече дека постои зголемен притисок на владата да се донесе доживотна забрана за бегалци. Предложената забрана ќе ги запре сите баратели на азил на островот Науру или Манус кои пристигнале по јули 2013 година да добијат виза за влез во Австралија. Забраната, наречена „доживотна забрана за виза“ ќе ги спречи бегалците да влезат во земјата и со бизнис или со туристичка виза.
Со ОСГ, воведена од поранешниот премиер Тони Абот во 2013 година, се пресретнуваат шверцерските чамци во морето, а мигрантите се враќаат до пристаништето од кое тргнале- обично во Индонезија – или ги носат во офшор центрите за процесуирање. Мигрантите што се легитимни баратели на азил се населуваат во трети земји на сметка на Австралија.
Претходно неделава, Австралија објави нови строги закони со кои илјадници странски насилници и сексуални престапници ќе бидат испратени дома со поништување на нивните визи и со депортации. Овој потег може да биде воведен од владата веќе во текот на оваа недела и ќе се применува на повеќе криминалци во споредба со претходниот закон.
Во моментов, Австралија може да им ги укине визите на не-државјаните ако тие се прогласени за виновни за сериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна од 12 месеци или повеќе, но новиот закон ќе го промени тоа. Според новиот закон, на секој прогласен за виновен за прекршок за кој може да биде затворен две или повеќе години – дури и ако ја избегне затворската казна – може да му се укине визата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Шпански „Ф-18“ пресретнал руски „Су-30“ со необично оружје над Балтикот
Шпанските борбени авиони Ф-18М Хорнет пресретнаа, за време на неодамнешната мисија, руски авион што носел необичен борбен товар за време на операциите над балтичкиот регион.
Шпанското Министерство за одбрана објави детали за мисијата што ја извршија авионите распоредени во Литванија како дел од мисијата на НАТО.
#ÚLTIMAHORA: 🇧🇾
Bielorrusia recibió un lote adicional de aviones de combate multifunción Su-30SM2 de fabricación rusa, ampliando aún más su flota de aviación de combate. pic.twitter.com/8EjYIaDZQN— Reportes de Guerra CL 🇨🇱 (@ReportGuerraCL) February 1, 2026
Шпанските „Хорнети“ пресретнаа неодреден број руски борбени авиони што летаа над меѓународни води во близина на воздушниот простор на НАТО, пренесуваат светските медиуми.
Според написите, врз основа на фотографиите објавени од Министерството за одбрана на Шпанија, еден од руските авиони бил „Су-30СМ2“, според „Авиејшист“, цитиран од „Вечерњи лист“.
Иако авионите „Су-30СМ“ не се ретки во меѓународниот воздушен простор над балтичкиот регион, пресретнувањето го прави необичното борбено оптоварување на руските авиони особено интересно.
Речиси во исто време, руската државна новинска агенција Тас објави дека борбените авиони и бомбардерите на Балтичката флота учествувале во планирани вежби што вклучувале прецизни напади врз копнени цели.
Според тој извештај, екипажите на „Су-30СМ2“, повеќенаменските ловци и бомбардерите „Су-24М“ вежбале мисии на огнена поддршка, воздушно извидување и прецизно бомбардирање на полигонот за обука во источниот дел од Калининградската област.
Дополнително, биле вежбани борбени маневри и избегнување на симулирани непријателски ловци и противвоздушни системи.
Русија не го поврза директно пресретнатиот „Су-30СМ2“ со овие вежби, но извештајот на Тас ја отвора можноста авионот забележан над Балтичкото Море да бил дел од поширока активност, а не од независна патрола или демонстрација на сила, пренесуваат медиумите.
Свет
ЕУ е „отворена“ за разговори за зајакнување на трговските врски со Велика Британија, вели Домбровскис
Европската унија е „отворена“ за разговори за зајакнување на трговските врски со Велика Британија, вклучително и можноста за соработка во рамките на царинската унија, изјави европскиот комесар за финансии, Валдис Домбровскис.
Домбровскис изјави за Би-Би-Си дека ЕУ е „подготвена да се ангажира“ доколку Лондон сака да го разгледа тој чекор, нагласувајќи дека Брисел пристапува кон разговорите со „отворен ум“.
Неговите коментари следеа по состаноците на високо ниво во Лондон со британските министри, вклучувајќи ја и канцеларката Рејчел Ривс. Тој додаде дека Велика Британија и ЕУ би можеле да ги укинат „повеќето“ проверки на храната на границата, под услов Лондон да ги почитува санитарните и фитосанитарните правила на ЕУ.
Тој, исто така, навести за подготвеноста на Брисел повторно да го разгледа учеството на Велика Британија во програмата за одбранбени кредити на ЕУ SAFE, вредна 150 милијарди евра, откако преговорите за ова прашање претходно беа „заглавени“.
Домбровскис нагласи дека најсеопфатниот и заемно корисен аранжман би бил враќањето на Велика Британија на единствениот пазар на ЕУ, но дека тоа би барало прифаќање на „четирите слободи“, вклучувајќи ја и слободата на движење на луѓето, што Лондон досега го отфрла.
Свет
Епстин до Украинка: „Ќе заработиш огромни пари, би сакал да те видам како олигархиња“
Американското Министерство за правда објави над три милиони документи поврзани со покојниот финансиски инвеститор и осуден педофил Џефри Епстин, а некои од нив откриваат директни врски со Украина.
Објавените досиеја вклучуваат кореспонденција со најмалку две модни агенции во Киев, патни аранжмани за жени од Киев и Одеса, резервации во хотелот Hyatt во центарот на Киев, планови за купување недвижности во Лавов, како и разговори за украинската политичка сцена за време на претседателските избори во 2019 година, пишува „Кијив Индепендент“.
Во документите се споменуваат две модни агенции од Киев – Linea 12 Models и L-Models, двете основани во 1990-тите и сѐ уште активни. Во една од електронските пораки, испраќач чиј идентитет е скриен го информира Епстин дека тие две агенции се најдобрите во Киев, додавајќи дека „сите останати мали агенции се претежно евтина ескорт услуга, но ако треба, ќе најдам контакти“.
Во истиот ланец пораки приложени се и фотографии од жени, при што лицето со скриен идентитет ги одбирало оние што му се допаѓале. Во посебно писмо, Епстин го споделува контактот на Јулија Кисељова, за која наведува дека „има околу 400 девојки за модни и брачни агенции со седиште во Киев“.
Агенцијата Linea 12 Models речиси 30 години ја води Маша Мањук, поранешна украинска манекенка и ТВ-водителка. Е-пошта од октомври 2010 година открива нејзин контакт со Жан-Лук Бруне́л, француски моден агент и долгогодишен соработник на Епстин, кој подоцна беше обвинет за силување на малолетнички и најден мртов во затворска ќелија во Париз во февруари 2022 година.
Мањук и Бруне́л разговарале за договор за украинска манекенка и организација на нејзино патување во САД, а Бруне́л ја проследил таа комуникација до Епстин.
Мањук за „Кијив Индепендент“ изјавила дека станувало збор за „стандардно, транспарентно писмо“ какво што обично испраќа до модни агенции.
„Целта на писмото беше да се праша американската агенција дали се заинтересирани да застапуваат украинска манекенка во Америка. Не интересираше дали би сакале да ја ангажираат за модна недела“, рекла таа, додавајќи дека во тоа време ниту една манекенка не била избрана за патување во Њујорк.
Потврдила дека Бруне́л го познава 20 години, но тврди: „Никогаш не сум го познавала Епстин, ниту сум знаела за неговите врски со Бруне́л. Многу ми беше чудно, бидејќи го познавав Бруне́л со години и никогаш немаше ниту најмал знак на нешто сомнително.“
Стас Јанкелевски, сосопственик на втората спомената агенција L-Models, изјавил за „Кијив Индепендент“ дека неговата агенција, нејзините сопственици и претставници „никогаш не учествувале во обезбедување услуги на ескорт, организирање ескорт или какви било слични активности, вклучувајќи ги и оние во контекстот на случајот Џефри Епстин“.
Летови и сместување за Украинки
Во е-поштите се споменуваат имиња и фотографии на неколку Украинки, како и планирање на десетици повратни летови за Киев и Одеса. Во април 2011 година, Епстин примил е-пошта со три опции за летови од Њујорк до Киев преку Москва, со руската компанија Аерофлот, но не е јасно за кого биле наменети билетите.
Документите исто така споменуваат престој во хотелот Hyatt со пет ѕвезди во Киев. Поранешната извршна асистентка на Епстин, Лесли Гроф, во 2012 година му пишала на непознат примател дека Томас Притцкер, извршен претседател на синџирот хотели Hyatt, резервирал соба за нив. Врската меѓу Епстин и Притцкер е документирана и во претходно објавени документи.
Се чини дека Гроф и во 2018 година повторно координирала повратни патувања за жени, а едно од одредиштата била и Одеса. Во една порака од таа година, таа информирала жена дека Епстин ѝ обезбедил стан за нејзиниот еднонеделен престој. Во друга порака, маж по име Брок Пирс, наводно ко-основач на криптовалутата Tether, му порача на Епстин: „Те чека брод на Антигва полн со неверојатни украиски убавици“.
Планови за купување недвижности во Лавов
Досиејата содржат и обемна кореспонденција од 2017 година за купување вила во Лавов. Во разговорите учествувале Епстин, украинската трговка со уметнички дела Анастасија Сироченко, сметководителот Мајкл Стајн и агентот за недвижности Џон Томлинсон. Зградата во 2015 година ја купила мајката на Анастасија Сироченко за 128.500 долари преку компанијата Lviv Enterprises LLC.
Мајката потоа ја подарила зградата на ќерка си, а намерата била таа да се регистрира како сопственост на фирмата. Стајн напишал дека мајката и ќерката „разгледувале неколку идеи за користење на зградата, а една од нив била пилатес студио“. Во една од пораките, Епстин коментирал дека продавачката на зградата е „криминален тип“ и се запрашал дали избегала од Украина.
Разговори за украинската политика
Во текот на 2019 година, разговорите се префрлиле на тогашната претседателска кампања во Украина и соочувањето меѓу Петро Порошенко и Володимир Зеленски. Во мај истата година, Епстин ѝ наложил на непозната соговорничка, веројатно Украинка, да „почне да ја следи“ украинската политика, вклучително и теми поврзани со Зеленски, парламентот и корупцијата, наведувајќи дека тоа ќе придонесе за нејзиниот иден „успех“.
Кога таа му одговорила дека би ѝ било интересно да го следи тоа, Епстин ѝ одговорил: „Да, смешно е, но тоа е софистицирана корупција. Ќе се заработат огромни пари. Огромни. Би сакал да те видам како женска олигархиња.“
Во друга е-пошта од јуни 2019 година, испраќач со скриен идентитет пишува дека „ќе го посети Зеленски овој четврток“, а во разговорот бил вклучен и поранешниот американски министер за финансии Лери Самерс. Епстин за победата на Зеленски разговарал и со тогашниот словачки министер за надворешни работи Мирослав Лајчак. „Како гледате на украинските избори?“ прашал Епстин.
„Русите го мразат Порошенко, па можеби ова е добро за решавање на конфликтот. Но, немам поим дали Зеленски е способен да води држава“, одговорил Лајчак. Епстин му предложил: „Изгледа како совршено место за тебе да посредуваш“, на што Лајчак кратко одговорил: „Се обидувам.“

