Македонија
Инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом“ ги разлути аеродромци, ветува дека ќе засади 150 дрвја околу неа
Сопственикот на компанијата „ЗСФ-КОМ“, Фатмир Етеми синоќа излезе на средба со граѓани и активисти за да разговараат за деветкатницата кај „Мајчин дом“. Средбата ја закажа само неколку часа пред да се одржи па се појавија само десетина граѓани.
Место да ги смири, средбата уште повеќе ги разлути аеродромци. На социјалните мрежи пишуваат дека воопшто не биле информирани за настанот. Нивниот став за деветкатницата е нерпоменет – бараат просторот да остане зеленило и најавуваат дека нема да дозволат градење.
Утрово од компанијата преку соопштение информираа дека Етеми на средбата зборувал за трошоците што ги направил досега за локацијата и за пановите за објектот.
„Сакам да ве уверам дека зградата ќе биде целосно енергетски ефикасна, проектот е изработен со особена грижа за околината и животната средина. Самата зграда ќе има вертикално и хоризонтално зеленило, со посебен систем за одржување, за што вложувам околу 1 милион евра. Заради моја грижа габаритот на зградата е намален и не ги искористува максималните параметри што ги дозволува ДУП-от. Максимално ќе го зазелениме просторот и ќе има повеќе зеленило од сега“, објаснил Етеми пред граѓаните.
Компанијата „ЗСФ-КОМ“ најавува дека ќе обезбеди 150 високоизраснати дрва, целосно партерно уредување на плацот околу „Мајчин дом“ и изградба на нов паркинг на парцелите околу, кои исто така се во сопственост на Етеми. Тој тврди дека неговата компанија е општествено одговорна и сака максимално да ги поддржи граѓаните во борбата со загадувањето

„Сакам да ве уверам дека зградата ќе биде целосно енергетски ефикасна“, објаснил Етеми пред граѓаните
Коппанијата наведува дека изминатиот период се правеле анализи и се барале можности за откажување на градбата.
„Баравме соодветно правно и економски оправдано решение. Прво се направи темелна анализа на достапните парцели за да се замени локацијата. Заклучено е дека во моментов нема соодветна парцела во Аердодром што ни одблиску може да ја компензира вредноста на плацот кај ‘Мајчин дом’. Разгледани се сите опции на цела територија, секако надвор од урбаното јадро. Имаше обиди да се најде локација и надвор од општината на територија на Градот Скопје, за што има сериозни правни пречки, но реално нема ни соодветна локација. Процедурата за носење нов ДУП или ГУП би траела околу 3 години, што е голема загуба земјаќи ги предвид сите тековни трошоци како месечната рата за кредит што инвеститорот го има подигнато за оваа намена. Ова земјиште е голема инвестиција, плацот е купен со веќе зацртана маркица за градба, согласно сите законски и правни процедури. Ова беше овозможено од претходното раководство на општината. Во случај да се откаже од градбата кај ‘Мајчин дом’, Општината би требало да му исплати на г-дин Етеми повеќе од повеќе од 8 милиони евра за досегашните инвестиции и трошоци. Тука се вклучени 5,5 милиони евра трошоци за земјиште и комуналии, трошоци за камати, штети на компанијата за инвестиции, досегашни трошоци за одржување и 184.000 евра секој месец, рата за кредитот подигнат за изградба на овој објект“, стои во соопштението од „ЗСФ КОМ“.
Вчера попладне Општина Аеродром информираше дека сумата за обесштетување на инвеститорот на деветкатницата би можела да достигне 11 милиони евра ако се земат превид сите трошоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.
Македонија
(Видео) „Ги чекаме децата да се појават и да кажат ‘Каде си ма мајче?’“ – мајките на загинатите во „Пулс“ дојдоа на судењето, лути се на бранителите на обвинетите
Со гнев, тага и болка почна судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, каде животите ги загубија 63 млади луѓе.
Мајките кои ги изгубија своите деца зборуваа пред судот за болката што не минува, за неправдата што ја чувствуваат и за срамот што, како што велат, го носат адвокатите кои ги бранат обвинетите.
„Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца“
Светлана Стојанова, мајка на Андреј Стојанов, рече: „Голем срам за адвокатите кои ги бранат обвинетите. Немаат чувства во оваа трагедија каде ни ги убија децата. Дали имаат они деца, и дали така би постапиле на наше место? Не посакувам на никој да е на наше место, да ја почувствува оваа болка со непроспиени ноќи и денови. Ги чекаме нашите деца секој момент да се појават и да кажат ‘Каде си ма мајче’? Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца, а со тоа не убиваат и нас. Во име на парата и корупцијата, згаснаа млади животи.“
Таа додава дека сите деца кои загинале биле воспитани, талентирани, културни, деца кои никогаш не би направиле зло.
„Отидоа на концерт да се забавуваат, не отидоа да ги убијат. Сите сме од скромни семејства со минимални плати, и успеавме да ги школуваме, сите талентирани. Мојот син беше и крводарител, програмер, задоволен од животот кога застана на свои нозе. Среќен што успеа. Нека го слушнат крикот на мајките и нека се замислат што прават и како ќе ги бранат обвинетите.“
„Мојот син дојде од Скопје за концертот, а јас бев во Турција, не го видов за последен пат“
Својата болка ја сподели и мајката на Андреј Лазаров, млад фудбалер кој дошол од Скопје само за да присуствува на концертот.
„Мојот син дојде од Скопје само да присуствува на концертот, беше фудбалер, Андреј Лазаров. Си дојде во 9.30 вечерта, јас бев во Турција на екскурзија и не можев ни да го видам, толку беше. Дошол, а јас не го видов“, рече таа.
Мајката зборуваше за сите семејства кои ја носат истата болка.
„Сите семејства на децата што загинаа, како нашите, сите се со истата болка. Преубави деца, талентирани деца. Нека се чукнат тие во глава што беа седнати на тие столчиња и ги бранеа обвинетите, нека се замислат дали имаат деца. Со кои пари ќе се вратат дома? Унаказени сме за цел живот“, рече таа.
Додека судењето влегува во првата фаза од постапката, семејствата велат дека за нив секој ден е нов суд, нова битка и нова надеж дека правдата ќе ја најде вистинската тежина. За нив, ова не е само процес, туку барање за одговорност и човечка реакција во трагедијата која ги скрши нивните животи.
Македонија
Општина Чаир: Започнува опремувањето на општинските училишта со нов инвентар
Општина Чаир денес презеде значаен чекор кон подобрувањето на условите во основните училишта на општината. Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оствари работна посета во Основното училиште „Лирија“, каде што беше пречекан од директорката на училиштето, Теута Идризи. Посетата се реализираше по повод доставувањето на новиот инвентар, кој веќе е распределен во училиштето, информираат од оваа општина.
„ОУ „Лирија“ е опремено со 200 модерни клупи и 400 ергономски столчиња, кои се прилагодуваат според возраста и висината на учениците, создавајќи покомфорни услови и пофункционална средина за одвивање на наставниот процес. Истата донација е реализирана и во Основното училиште „Хасан Приштина“, при што во двете училишта ќе се уредат вкупно по шест наставни кабинети со нов инвентар“.
Целта на Општина Чаир како што нагласуваат е во рок од една година сите основни училишта да бидат опремени со нови клупи и столчиња од овој стандард, со што значително ќе се унапредат условите во училишната средина и стандардите на наставата.

