Македонија
(Видео) Фатмир Етеми: Аеродром нема пари да нè обесштети, зградата кај „Мајчин дом“ ќе ја градиме
По двонеделни преговори за трајно стопирање на градбата кај „Мајчин дом“, сопственикот на парцелата, Фатмир Етеми, нема надеж дека Општина Аеродром ќе го обесштети. Тој денес по објaвата дека ги разлутил аеродромци, реши да одговори на прашањата од „Макфакс“, кои трета недела не ги одговараше.
Вели дека се обиделе да најдат нова соодветна локација како замена за онаа пред „Мајчин дом“, но не нашле таква ниту на територија на Аеродром ниту, пак, пошироко на територија на Град Скопје.
„Општина Аеродром нема пари да ме обесштети. Буџетот е празен, сега се градат пет згради таму, а порано се градеа сто. Ние го полневме буџетот“, вели Етеми.
За да излезе во пресрет на барањата на граѓаните кои не сакаат таму да има зграда, вели дека е подготвен да преговара уште неколку недели во кои ќе ги убеди жителите дека зградата нема да влијае на загадувањето на Аеродром и дека ќе биде украс во oпштината, за потоа да продолжи со градење.
Вели дека влегол во проектот оти верувал во правна држава имајќи предвид дека целата документација му е законски издадена. Очекувал незадоволство, но не очекувал протести.
„Нечесно е што оние кои го гласале планот сега протестираат против зградата“, нагласува Етеми.
Тој не бил информиран дека жителите на Аеродром имале забелешки на планот во кој е предвидена зградата уште во фазата на негово носење.
„Тогаш живеев во Чаир и не претпоставував дека ќе градам во Аеродром. Не гледам телевизија, имам многу работа“, рече Етеми.
Земјиштето го купил за три милиони евра на лицитација од банка, а за обесштетување бара 8 – 11 милиони евра во кои вклучува и, како што вели, минимален профит.
Најави нова средба со граѓаните на која ќе им објасни зошто зградата треба да се изгради. Не одговори на прашањето зошто синоќешната средба не ја закажал барем еден ден порано, но рече дека следната средба ќе ја закаже порано.
Етеми очекува обесштетување и за локацијата кај училиштето „Ѓоргија Пулевски“ каде што е косопственик оти државата му продала земјиште на кое може да се гради, а потоа го сменила планот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 11.00 часот корисниците на ул. 368 бр.3 (општина Кисела Вода)
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 200 метри на патниот правец Тетово – Гостивар, Сарамзалино – Штип 100 метри, намалена видливост до 200 метри на патниот правец Куманово – Страцин.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Карпош
ЈП Водовод и канализација Скопје известува дека денеска поради промена на шибер од ф 100мм на улицата Драгиша Мишовиќ бб без вода ќе бидат корисниците од улицата Драгиша Мишовиќ.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

