Македонија
Определен притвор за ексградоначалникот на Демир Капија
Судот му определени 30-дневен притвор на поранешниот градоначалник на општина Демир Капија, 61-годишниот Трајче Димитриев, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Димитриев и уште три лица се под истрага кога Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против нив под сомнение дека со незаконски дејства сториле кривични дела со кои им е предизвикана штета на буџетот на Општината и на буџетот на Република Македонија во износ од 15.456.106 денари.
„Имено, првоосомничениот во својство на извршен орган на Општината, потпомогнат од второ и третоосомничените и поттикнат од четвртоосомниченото лице во периодот од 2013 до 2017 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што со четвртоосомниченото лице склучил договор за продажба на објект – реконструирана стара училишна зграда и земјиште во сосопственост на Општина Демир Капија за износ десет пати помал од реалната пазарна цена. При продажбата не е земена предвид претходно инвестираната реконструкција на објектот со средства од договорот за грант од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ наменет за Република Македонија. На тој начин четвртоосомниченото лице стекнало противправна имотна корист на штета на буџетот на Општина Демир Капија“, соопштија од Обвинителството.
Воедно, првоосомничениот ексградоначалник во текот на 2017 година без надомест ја отстапил фондацијата, чиј основач била Општина Демир Капија, на свој близок роднина, со што му овозможил да стекне противправна имотна корист на штета на буџетот на Општината во износ од 4.208.922 денара.
Според информациите од Обвинителството, со преземените дејства осомничените го оштетиле буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 5.021.000 денари и буџетот на Општина Демир Капија во износ од 10.434.569 денари.
Од Обвинителството информираат дека по предлог на надлежен јавен обвинител, Основниот суд Скопје 1 – Скопје на првите тројца осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а за четвртоосомниченото лице му е определена мерка куќен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.

