Свет
Односите меѓу Кина и Јапонија на историска пресвртница
Кина и Јапонија денеска ветија дека ќе ги зајакнат односите додека двете земји се наоѓаат на историска пресвртница и потпишаа низа договори вклучувајќи го и договорот за размена на валути во вредност од 30 милијарди долари во екот на растечките трговски тензии со Вашингтон.
Јапонскиот премиер, Шинѕо Абе, и кинескиот премиер, Ли Кечијанг, исто така се согласија дека двете земји ќе соработуваат во постигнувањето на денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
Договорите беа постигнати за време на тридневната посета на јапонскиот премиер Абе на Пекинг додека двете земји се обидуваат да прошират нови области на соработка и бараат нови начини за докажување на кревката доверба.
Јапонските компании, вклучувајќи ги и големите автомобилски компании како „Тојота“, се надеваат дека ќе се нормализираат односите со Кина за да може да се натпреваруваат со американските и европските ривали, а Пекинг очекува дека Токио ќе ги поддржи нивните амбициозни иницијативи за транспорт за кои кинескиот претседател Шји Џјинпинг се надева дека ќе ги зајакнат трговските односи и транспортот со други земји.
Абе исто така рече дека Токио е одлучен во тоа да се нормализираат односите со Пјонгјанг, но само ако се исполнети условите, вклучувајќи ги денуклеаризацијата и ослободувањето на киднапираните јапонски граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.

