Македонија
Пешевски и Јанакиески летале до Кина со бизнис-класа
На денешното судење за случајот „Траекторија“ на СЈО од СМС-пораките што беа репродуцирани на рочиштето можеше да се види како поранешните високи владини функционери, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, договараат патување и средба со Кинезите со цел договор за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.
Договарајќи го патувањето до Кина, од СМС-пораките може да се прочита како Јанакиески му предлага на Пешевски да ги резервираат билетите за летот што оди преку Виена бидејќи само на тој лет имало слободни места во бизнис-класата.
Адвокатката на дел од обвинетите за случајот „Траекторија“, Татјана Поповски, имаше забелешка на тоа како обвинителката ги чита пораките, односно дека биле коментирани при читањето. Поповски исто така рече дека нема основни услови за репродуцирање на пораките бидејќи нема камера што ги снима пораките, односно тоа што го чита обвинителката.
За овој случај има над 300 СМС-пораки за кои СЈО предложи да бидат ставени во записник, но да не се читаат една по една.
Адвокатот Дончо Наков исто така имаше приговор до судот да се стави камера што би ја снимала табелата на која стојат пораките. Според него, спорно е тоа што фајлот со пораките е креиран на 5. 3. 2017 година.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се експремиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски, за кои постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија изведувач за изградба на автопатните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на буџетот на РМ во износ од најмалку 155.117.172 евра и за овој износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.
Македонија
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

