Македонија
Исклучените пратеници во последните клупи
Прераспределба и реорганизација на пратеничките места се подготвува во Собранието по ситнењето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Иако сè уште официјално нема формирано нова пратеничка група, извори од собраниските служби велат дека се очекува последните редови од собраниските клупи да ги пополнат седумте пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ остануваат во првите редови, но веднаш зад нив ќе треба да им отстапат места на довчерашните сопартијци. Столче до нив, најверојатно, ќе има и пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ, која заедно со Емилија Александрова, Нола Исмајлоска-Старова, Елизабета Канческа-Милевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Зеќир Рамчиловиќ, кои, според најавите, ќе функционираат како нова пратеничка група. Иако најавија дека до крајот на неделата ќе се изјаснат како ќе дејствуваат, според информациите на „Макфакс“, тие сè уште се координираат по што ќе го известат претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти и пратеникот Панчо Минов, кој за „Макфакс“ изјави дека ќе продолжи да дејствува како опозициски пратеник од ГРОМ, без да прецизира дали ја остава отворена можноста и тој да им се приклучи на осумте пратеници од опозицијата, кои го поддржаа предлогот за пристапување кон измени на Уставот.
Со формирање посебна опозициска група, за која, според Деловникот на Собранието, се потребни најмалку петмина, треба да дојде и до нова распределба на членовите на комисиите, како и до нивна вклученост во координативните состаноци кај спикерот Џафери. Како што вчера изјави тој, нема рок до кога пратениците треба да го информираат за својот статус, но официјализирањето на новата пратеничка група се очекува да биде веќе в понеделник. Сликата ќе биде уште појасна в среда за кога е закажана седницата за пратенички прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

