Македонија
Демократскиот сојуз: Помирување меѓу левицата и десницата со декларација за национално помирување
Демократскиот сојуз смета дека помирувањето помеѓу левицата и десницата, како и пошироко национално помирување, треба да се одвива преку парламентот со донесување декларација за национално помирување.
„Во декларацијата треба да се нагласат причините и потребата од помирување, стратешките цели за кои не треба конфронтации, туку консензус и единство, како што се унитарниот карактер на државата, територијалниот интегритет, евро-атлантските интеграции, владеењето на правото, повеќепартискиот систем и слично.
Со декларацијата треба да се предвидат рехабилитација и обесштетувањето на жртвите на еднопартискиот систем и по него, обнова на монтираните политичко-судски процеси, преиспитување на селективната и неправедна лустрација, неправедната приватизација итн.“, велат од партијата.
Помирувањето, како што велат оттаму, не треба да се меша со идеите за амнестија од кривична одговорност на носители на високи политички и државни функции, а во контекстот на евроинтеграциските процеси и членство во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алпинистот Здравко Дејановиќ имал здравствени проблеми при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите
Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ кој при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите имал проблеми од здравствена природа, е надвор од животна опасност, објави на Фејсбук Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).
„Во врска со искачувањето на врвот Лотце од страна на Здравко Дејановиќ, ве известуваме дека на барање на неговото семејство, досега не излеговме со официјални информации. Воедно, ве информираме дека во текот на искачувањето се појавиле проблеми од здравствена природа, и дека, во моментов Здравко е надвор од животна опасност. Одржуваме контакт со неговото семејство и во периодот кој следи ќе има повеќе информации директно од Здравко или од нас. Замолуваме за етика и воздржаност од споделување на непотврдени информации. Ви благодариме однапред на разбирањето“, се вели во објавата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Вчера се појавија неофицијални ФБ објави дека Дејановиќ при искачувањето на Лотце, четврти највисок врв на Хималаите, се здобил со измрзнатини на рацете и со хеликотер бил пренесен во тамошна болница.
Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Таравари уште размислува дали ќе биде министер за здравство: „Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“
Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „Влен“, а кој моментно е градоначалник на општина Гостивар, сѐ уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека некои од пишувањата на некои медиуми за поделбата на владините ресори и службените места се точни. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе биде објавен денеска или утре, стои во напишаниот допис.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменик-министри, како и двајца државни секретари, и тоа заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. Државен секретар за здравство и уште еден на кој сега не ми текнува“, изјави Таравари.
Таравари вели дека сѐ уште не се дефинирани имињата на кадрите што ќе бидат назначени на овие позиции.
Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и сѐ уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција. „Не е исклучена можноста, но не е дефинитивна“.
Таравари ги коментира и резултатите од прегласувањето и истакна дека тие воделе на 8 мај и сега, како што рече тој, се во голема предност.
„ДУИ може да ги обжали резултатите, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ‘Влен’ има еден пратеник повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.