Македонија
(Видео) „Монструм“: ДНК на еден од обвинетите во бегство најдена на седиштата на возилото
Извршената ДНК-анализа, која е земена од возилото, конкретно од потпирачите за глава на седиштата, покажува дека таа потекнува од еден од обвинетите кој е во бегство, вели адвокатот на оштетените, Дафинка Ивановска, по завршувањето на денешното рочиште за „Монструм“, кое продолжи со искази на вештаците.
„Денеска имаше искази по однос на вештачењето за ДНК-анализите, што беа и причина за повторно судење, меѓутоа на еден несомнен начин вештакот Роберт Јанески кажа дека нема можност за манипулација туку со сигурност е утврдена ДНК на еден многу суптилен, електронски и пишан начин. Вршена е анализа на ДНК, која е земена од внатрешноста на возилото, од седиштата, потпирачите за глава, и со сигурност се утврдува дека оваа ДНК потекнува од еден од обвинетите кој е во бегство“, вели Ивановска по што додаде дека оваа констатација е точна и не може да се побие во ниту еден случај.
Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се двајцата обвинети во случајот „Монструм“, кои се наоѓаат во Косово. По нив имаше распишано меѓународна потерница. Тамошните власти првично го одбија барањето за екстрадиција тврдејќи дека не биле доставени доволно докази што укажуваат на нивна вмешаност во случајот.
Во август оваа година од Министерството за правда до Основниот суд Скопје 1 пристигна писмо со известување дека и официјално е почната нова постапка за екстрадиција на двајцата обвинети.
Предметот „Монструм“ на СЈО за петкратното убиство на Смилковското Езеро се наоѓа во доказна постапка, а на денешното рочиште искази даваа вешти лица. Според вештачењата на крим-техниката од МВР, како што беше кажано на рочиштето на 19 октомври, кај Смилковското Езеро било пукало со две пушки „калашников“ и еден пиштол.
За петкратното убиство на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Бошњачката заедница е нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва присуствуваше на одбележување на Меѓународниот Ден на Бошњаците, во организација на Странката на демократска акција на Македонија (СДА).
Во обраќањето пред присутните, Филипче прача дека бошњачката заедница е нераскинлив дел од општеството и има значаен придонес во развојот и напредокот на Северна Македонија.
„Граѓаните Бошњаци по измените на Уставот од 2001 година, станаа дел од преамбулата и на нашиот Устав. Со нивната традиција, како составен и нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество, имаат значаен придонес во развојот и напредокот на државата. Бошњачката заедница во Северна Македонија активно се вклучи во успешниот концепт „Едно општество за сите“, со кој Северна Македонија сега е пример во Ервопа и регионот за дијалог, меѓусебно разбирање и почитување“, рече Филипче.
Воедно, претседателот на СДСМ, Филипче ја потенцираше важноста на Странката на демократска акција на Македонија (СДА), која како коалициски партнер на СДСМ, изминативе години даде поддршка на развојните политиките во периодот на Владата на СДСМ.
„Во основното образование за учениците Бошњаци се врати редовната настава на босански јазик, Северна Македонија и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори во интерес на граѓаните,Скопје и Сараево станаа збратимени градови. Со својата прогресивна идеологија во изминатите години, СДА активно учествуваше во сите процеси кои ја придвижија државата напред, како што е членството во НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија“, рече Филипче, додавајќи дека токму тоа и е разликата СДСМ и актуелната власт .
Филипче во своето обраќање нагласи дека СДСМ и СДА и во иднина ќе делуваат заеднички и ќе се залагаат за соживот,меѓусебна почит и интеграција на државата.
„ За жал деновиве сме сведоци на едни политики кои ја враќаат државата назад во изолација, нешто за што граѓаните не гласаа. И тоа не смееме да го дозволиме, не смееме да се откажеме од европскиот пат, од европска иднина за нашите граѓани. СДСМ и СДА и понатаму ќе продолжат да делуваат заеднички, ќе се залагаме за демократските вредности и инклузија на сите заедници, за интеграција, а не за изолација на државата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Промена на времето: УХМР за утре најавува дожд, силен ветер и драстичен пад на температурите
Управата за хидрометеоролошки работи најавува значителна промена на времето утре – дожд, засилен ветер и пад на температурата.
Утре под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север ќе настапи позначителна промена на времето. Од утринските часови најпрвин во северните делови, ќе има повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува силен ветер (наместа над 70км/ч.) кој ќе продолжи и во понеделник.
ИЗВОР: УХМР
Дневната температура значително ќе се намали (утре за 6 до 8, а во понеделник уште за дополнителни 4 до 6 степени). Потоа во следните два дена времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Во Скопје, утре ќе има повремени врнежи од дожд, локално со појава на ретки грмежи и силен ветер.
Од четврток се очекуваат нови врнежи од дожд.
Македонија
Претседателката Сиљановска Давкова се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе.
На средбата беа разменети мислења за целите и приоритетите насочени кон демократизацијата на македонското општество, човековите права и владеењето на правото. Реафирмирајќи ја посветеноста за натамошна конструктивна соработка со Советот на Европа, претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од континураната поддршка за нашето целосно усогласување со европските стандарди и вредности.
Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста од кредибилно постапување на Европската Унија во однос на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кога напредокот на поединечните кандидати е евидентно заслужен. Таа се осврна и на неопходното обезбедување усогласеност со обврските што земјите-членки ги презеле, вклучително и правилното спроведување на пресудите на Судот во Стразбур.
Соговорниците разговараа и за актуелните безбедносни состојби во Европа, со акцент на војната во Украина, како и за потребата од посветеност и заеднички пристап кон сегашните и идните предизвици какви што се влијанието на новите технологии и климатските промени врз човечките ресурси.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до новоизбраниот генерален секретар на Советот на Европа, Алан Берсе, изразувајќи искрени желби за успешно исполнување на важната мисија и продолжување на плодната соработка со македонските институции.