Економија
Бектеши: Со зајакнување на регионалната соработка до економски раст и финализирање на евроинтеграцискиот процес на земјите

Со намалување на политичката неизвесност во Република Македонија се олеснува имплементацијата на планираните реформи во петте столба, и тоа економски раст, реформи, услужни институции, едно општество за сите и последниот столб на стратешките интереси на Република Македонија – членството во НАТО и ЕУ, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, на вториот ден од „Конференцијата за економија: Балканот и Европската Унија -петгодишен циклус на берлинскиот процес“.
„Јавниот долг на Македонија е оценет како умерен во глобален контекст, односно по 9 години, имаме негово намалување на годишно ниво, a како резултат на зголемување на довербата на инвеститорите значително е намалена каматната стапка на државните хартии од вредност. Македонија е прва земја во регионот што воведе гарантиран минимален приход, a паралелно со поддршката за раст на платите Владата го поддржува и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста преку мерките од планот за економски раст, но и евтини кредити од ЕИБ, за да ги поддржи инвестициите во нови капацитети и опрема“, објасни Бектеши.
Министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, потенцира дека нејзината земја, и покрај јавниот долг, се концентира на капиталните инвестиции.
„Имаме две цели – да ги стабилизираме јавните финансии и да привлечеме инвестиции со цел отворање нови работни места. А за тоа ни е потребна силна законска рамка“, рече Секулиќ.
Министерот за економски развој на Косово, Валдрин Лука, пак, истакна дека наспроти растот на БДП од 4,1 отсто и нискиот јавен долг, невработеноста е сè уште предвизвик на кој треба да се работи во наредниот период.
„Тука би ја споменал мерката на самовработување, која очекуваме да придонесе за намалување на стапката на невработеност. Моментно работиме и на создавање законска регулатива за секторот за минерални суровини, кој заедно со секторот енергетика треба да придонесе за раст на БДП до 2020 година“, рече Лука.
Министерот Бектеши напомена дека во првото полугодие од оваа година е забележан рекорден влез на странски директни инвестиции во Македонија од 327 милиони евра, што е 218 отсто над просекот од последниве 3 години, раст на извозот има и од технолошко-индустриските развојни зони – 17 отсто во споредба со ланскиот период и во првите 6 месеци изнесува 1 милијарда евра, а вкупниот извоз е 1,5 милијарда евра.
„Стапката на невработеност е намалена на 21,1 отсто, што е историски најниско ниво досега, зголемена е наплатата на даноци 8 отсто во споредба со истиот период минатата година, а повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навреме и неселективно. Од почетокот на годината, заклучно со август, во стопанството по овој основ вратени се 250 милиони евра. Тоа е силен поттик за приватниот сектор како главен двигател на економијата“, објасни Бектеши додавајќи дека со подобра соработка и зајакнување на врските меѓу економиите во регионот, во согласност со берлинскиот процес, се создава потенцијал за нови вредности, нови заеднички понуди на производи за вклучување во глобалните синџири на вредности, глобалните синџири на доставувачи, нов прилив на инвестиции.
Во однос на активностите што произлегуваат од акцискиот план поврзан со проектот за создавање регионална економска зона, Бектеши го претстави значителниот напредок на Република Македонија во четирите важни области од: укинување на пречките за трговија, инвестиции, мобилност на одредени професии и признавање квалификации, како и дигитална агенда, со што земјите се приближуваат до крајната цел – економски раст во регионот и финализирање на евроинтеграцискиот процес на земјите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.