Македонија
Владата се координира со пратениците, амандманите сè уште не се испратени во Собранието

Владата сè уште не ги испратила нацрт-амандманите на Уставот до Собранието бидејќи, како што велат, координацијата со пратеничките групи сè уште трае. Оттаму не кажуваат кога конкретно ќе бидат испратени додавајќи дека тоа ќе биде набргу и покрај најавите на пратеникот Александар Кирацовски дека некои од нив ќе пристигнат денес. Од минатиот петок почна истекувањето на 15-те дена, односно поминаа седум, рок во кој Владата треба до Собранието да ги достави предлог-амандманите за уставните измени.
Кога амандманите ќе бидат доставени во законодавниот дом, секој од нив ќе треба да помине на претрес на две собраниски комисии. Според Деловникот, од моментот на доставување на нацрт-амандманите до одржување на пленарната седница мора да поминат најмалку 30 дена. Роковите може да се скратат бидејќи секој пратеник има право на збор повеќепати, но не смее да говори повеќе од 20 минути, што остава можност дискусијата да заврши побргу од дозволените рокови.
Тие потоа треба да бидат дадени на јавна дискусија и се враќаат во Владата, па повторно во Собранието.
За одлуката за усвојување на амандманите потребно е двотретинско мнозинство, а за амандманот што се однесува на преамбулата потребно е и Бадентерово мнозинство. Според овие рокови, се очекува уставните измени да бидат усвоени кон средината или крајот на јануари.
Во овој процес,со амандмани ќе интервенираат Беса на Касами и „Алијансата за Албанците“. Пратеникот Фадиљ Зендели вели дека сега е моментот за унапредување на правата на Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Признанија за најдобрите ученици од општина Илинден

Градоначалникот на општина Илинден Александар Георгиевски приреди прием за учениците од општинските основни училишта кои освоија високи места на државните натпревари и им додели признанија за постигнатите резултати.
Градоначалникот им ги честиташе успесите на учениците и нивните ментори и истакна дека е горд што има голем број наградени ученици од општина Илинден. Тој додаде дека локалната самоуправа посветено цели да ги промовира и поттикнува постигнатите успеси и достигнувања на учениците од општината.
На вкупно 20-тина ученици и нивните ментори и годинава им беа доделени признанија за постигнатиот успех, што претставува признание за трудот на наградените, но и мотив за останатите. Учениците беа наградени за високи достигнувања на државните натпревари по македонски јазик, англиски јазик, биологија, природни науки, како и на натпреварот по Информатичко размислување, велат од Општината.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Граѓаните со големи пофалби за новоизградената градинка Пролет

Вчера, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски се сретна со жителите на населбата Пролет, каде пред само еден месец беше отворена најубавата и најмодерната градинка „Пролет“ во Македонија.
Жителите на оваа населба упатија големи пофалби за новоизградената градинка, прва и единствена во Пролет која претставува вистински пример за современа детска заштита. Изградена според највисоки светски стандарди, со целосно нова, безбедна и инклузивна средина, таа денес е гордост на целата општина, велат од Центар.
„Овие маалски средби ни се многу важни, тие се можност директно да го слушнеме мислењето на граѓаните, нивните идеи, предлози и предизвици. Затоа и го правиме овој караван, затоа што општината не треба да чека граѓаните да дојдат кај нас, туку ние треба да одиме кај нив и да работиме исклучиво во нивен интерес“, изјави Герасимовски.
Средбата се одржа на маалско игралиште кое беше опремено од градоначалникот Герасимовски, каде што децата безгрижно растат, учат и се дружат. Центарци го поздравија континуираниот развој на Центар, во изминатиот период беа реконструирани 20 улици, подобрени беа условите во сите градинки и основни општiски училишта, а есенва ќе биде пуштена во употреба и реконструираната спортска сала „Работнички“, уште еден капитален проект во интерес на граѓаните, соопшти Општината.
Македонија
Оставки од Тошковски и Јанев и кривична одговорност, бара СДСМ

Последната акција на ОЈО ГОК потврди сè. СДСМ ја говореше вистината за Кочани од првиот ден.
Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани“ како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс“, велат од опозициската партија.
„Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста.
Тие бранеа и криеја свои функционери, ја лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговрни за пожарот во кој изгореа 62 деца“.
Според СДСМ, Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој, како што велат, ги поставил, тој давал наредби и затоа додаваат дека мора да понесе оставка и да следи кривична одговорност.
„Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина.
Христијан Мицкоски, пак, со недели ја користеше трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите, освен оние што ги поставил на функција. Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината.
Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски, нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има“, потенцираат од СДСМ.