Македонија
Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против 10 судии што ја поднесе „Зелена лупа“
Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава поднесена од Здружението за истражување, развој и анализа – Зелена лупа против десет судии за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Во кривичната пријава се наведуваше дека пријавените тројца судии во Основниот суд Скопје 1 Скопје, ја злоупотребиле службената положба, со намера за други да прибават некаква корист. Тие како членови на Советот на Основен суд Скопје 1 Скопје, во кривична постапка против двајца обвинети и покрај постоење на докази за опасност од бегство за сторени потешки кривични дела по поднесено обвинение од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите го одбиле предлогот за определување мерка притвор спрема обвинетите.
Пријавените тројца судии од Апелациониот суд Скопје, пак, според наводите во пријавата како членови на Советот на Апелациониот суд Скопје, донеле решение со кое ја прифатиле жалбата на обвинителството и го преиначиле решението на Советот на Основен суд Скопје 1 Скопје спрема обвинетите, но во решението навеле дека против истото е дозволено право на жалба која го одложува извршувањето.
Според пријавата пак, четворицата судии на Врховниот суд на Република Македонија како членови на Советот на Врховниот суд на Република Македонија одлучувале по жалбата на обвинетите, наместо да ја отфрлат како неоснована.
Здружението за истражување, развој и анализа – Зелена лупа во пријавата тврди дека пријавените со своето постапување ја злоупотребиле службената положба и овластување, постапувале пристрасно, ги повредиле правилата на еднаков третман на странките, правилата на правично судење и правилата на Судскиот кодекс.
„По проучување на наводите во поднесената кривична пријава, надлежниот јавен обвинител изврши увид во судските предмети во кои постапувале судиите со цел да ја утврди фактичката состојба. Притоа било утврдено дека пријавените судии од Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за определување мерка притвор спрема двајца обвинети донеле Решение за отфрлање, притоа ценејќи ја исполнетоста на законските основи за определување на мерката притвор, видот, карактерот и тежината на кривичните дела кои им се ставаат на обвинетите, како и видот и висината на запретената санкција. Наместо притвор, на обвинетите лица им биле определени мерки на претпазливост за кои судиите сметале дека ќе ги исполнат целите и очекувањата за обезбедување на присуство на обвинетите и за непречено и успешно водење на постапката“, велат од Обвинителството.
Од таму наведуваат дека пријавените судии од Апелациониот суд Скопје, кои донеле решение со кое се уважува жалбата на обвинителството, во поглед на дозволеноста на правото на жалба против нивното решение, постапиле во согласност со членот 5 став 4 од Европската конвенција за заштита на човековите права, кој пропишува дека секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да вложи жалба до судот и тој во кус рок да ја разгледа законитоста на тоа лишување од слобода и ако тоа не било законско, да нареди негово ослободување.
Од четворицата пријавени судии на Врховниот суд на Република Македонија, надлежниот јавен обвинител утврдил дека еден воопшто не постапувал во конкретниот предмет, додека останатите тројца одлучиле по изјавената жалба на обвинетите, бидејќи оцениле дека во конкретниот случај има можност да се примени одредбата од чл.440 ст.1 од Законот за кривична постапка за дозволеност на жалбата против решението заради остварување на правата на обвинетите на правична судска постапка.
Надлежниот јавен обвинител, имајќи го во вид постапувањето на судиите, оцени дека во пријавеното дело не се содржани суштествените обележја на кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Истовремено, пријавените почитувајќи ги основните начела на кривичната постапка, постапиле согласно чл.11 ст.1 од Законот за судовите кој пропишува дека судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите. Во донесените одлуки пријавените јасно ги образложиле причините за одлуката што ја донеле.
„Пријавените со своето постапување не ја искористиле службената положба, не ги пречекориле границите на своето службено овластување, ниту пак со неизвршување на својата службена должност прибавиле за себе или за некој друг имотна корист или нанеле штета на друго лице, што претставува законско битие на пријавеното кривично дело. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител оцени дека за деветмина од пријавените пријавата треба да се отфрли бидејќи пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност, додека за еден од пријавените кривичната пријава се отфрла, бидејќи не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).

