Топ
Неексплодирана граната од Првата светска војна пронајдена во Битола

Неексплодирана артилериска граната од Првата светска војна е пронајдена во Битола при изведување градежни работи.
Според информациите на МВР, вчера во полициската станица-Битола, од страна на вработен пиротехничар во Дирекцијата за заштита и спасување било пријавено дека истиот ден во 13,30 часот од страна на вработен во фирмата „Гранит“, при изведување градежни работи во старата касарна во Битола била пронајдена стара неексплодирана артилериска граната од Првата светска војна.
Во 13,50 часот од страна на ДЗС гранатата безбедно е подигната за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Одличен напредок меѓу САД и Јапонија“: Трамп ненајавено се појави на средбата со јапонскиот министер

По средбата со јапонската трговска делегација во Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека е постигнат значителен напредок во преговорите меѓу САД и Јапонија.
Јапонската делегација ја предводеше Рјосеи Аказава, министерот за економска ревитализација на земјата, и иако тие требаше да се сретнат во САД само со Скот Бесент, министерот за финансии на САД, и Џејмисен Грир, трговскиот претставник, американскиот претседател се придружи на состанокот ненајавено.
„Морав да присуствувам на состанокот бидејќи Јапонија дојде да преговара за царини, трошоци за воена поддршка и трговска правда“, рече Трамп.
„Ми беше голема чест да присуствувам на состанокот и можам само да кажам дека веднаш беше виден голем напредок“, објави Трамп.
Јапонија, близок сојузник на Соединетите Американски Држави, како и голем број други земји, моментално е цел на американски царини од 25 проценти за автомобили, челик и алуминиум. На Јапонија ѝ се заканува и реципрочен дополнителен данок од 24 проценти на целиот нејзин извоз во САД, но претседателот Трамп досега ја одложи таквата одлука за 90 дена.
Пред американско-јапонските преговори, јапонскиот производител на автомобили „Хонда“ објави дека го преместува производството на својот хибриден Civic од Јапонија во САД. Во наредните денови, по јапонската делегација во Вашингтон, се очекува претставници од Јужна Кореја и Индонезија да присуствуваат на преговорите на истата тема.
Свет
Мелони денеска е кај Трамп: Ова е можеби единствената шанса на ЕУ

Во текот на денешниот состанок во Вашингтон, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се обиде да го спречи американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини за Европската унија. Иако Мелони не е првиот избор на Брисел за преговори со Трамп, таа би можела да биде единствената, пишува Политико.
„Имаме сила, способност и интелигенција да ја надминеме секоја нова пречка. Веќе надминавме некои тешки пречки, а ќе има уште пред нас“, рече Мелони пред нејзиното заминување во САД, нагласувајќи дека ќе се обиде да му објасни на Трамп зошто новите трговски мерки сериозно ќе влијаат на европската економија.
„Мораме да избегнеме трговска војна колку што можеме, бидејќи тоа само ќе го ослабне Западот“, додаде таа.
Трамп, кој претходно ја пофали Мелони како „прекрасна личност“ и ја покани на својата инаугурација во јануари, е познат по тоа што ги стави личните односи во центарот на дипломатијата. Белата куќа очекува дека Мелони ќе ја искористи средбата за да се обиде да создаде простор за договор, во време кога американско-европските трговски тензии повторно се во фаза на ескалација.
Минатата недела Трамп привремено ги одложи најавените царини и рече дека европските земји го контактирале „бакнувајќи му го задникот“, што предизвика загриженост во Брисел за симболиката на пристигнувањето на Мелони во овој момент.
Нејзината блискост со светот на Трамп дополнително ја подгрева недовербата кај европските сојузници, кои стравуваат дека пораките што таа ќе ги пренесе би можеле да се разликуваат од оние што ги испраќаат францускиот претседател Емануел Макрон или британскиот премиер Кир Стармер.
Според аналитичарите, Мелони успеала да се претстави како „трансатлантичарка“ и политичарка која и покрај екстремно десничарските корени соработува со ЕУ, но гради и специфичен однос со Белата куќа. Токму поради оваа двојна позиција, европските лидери ги полагаат своите надежи во нејзината способност да изнуди трговски договор, но и да влијае на политиката на Трамп кон војната во Украина.
Македонија
Времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица

Синтек Инженеринг известува дека отпочнува времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 до 31.5.2025, поради изведба на реконструкција на десната тунелска цевка на Тунел Т2. Десната тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е целосно пренасочен во левата тунелска цевка, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.