Македонија
Во запалениот автобус на АРМ нема повредени војници

(Фото: Илустрација)
Во запалениот автобус што утрово превезувал припадници на АРМ на своите работни места во Скопје од Пробиштип, Кратово и Куманово нема повредени војници, соопштија од Министерството за одбрана и додаваат дека жалат поради овој случај, за кој, како што посочија, се преземаат соодветни мерки.
„Фирмата што го врши превозот за кратко време испратила друг автобус, и сите патници пристигнале со мало задоцнување на своите работни места и веќе нормално си ги извршуваат задачите. Во автобусот останале само два војнички ранци. Според првичните сознанија, автобусот бил носен на сервис во текот на викендот. Согласно со договорот, ги исполнувал условите коишто се побарани во тендерската документација, има потврда за исполнување на посебни техничко-експлоатациони услови издадена на 1.02.2018 година со важност до 1.02.2020 година, бил од марката ‘марбус’, производство 2007 година, и го исполнува стандардот ЕУРО 4“, се наведува во соопштението на Министерството.
Оттаму додаваат дека инцидентот се случил околу 6 часот изутрина, на излезот од Пробиштип, а веднаш штом е почувствуван чадот, припадниците на АРМ од страна на одговорното лице биле повикани да го напуштат автобусот.
Од Министерството за одбрана додаваат дека припадници и стручни лица на Воената полиција веднаш излегле на терен за да ги утврдат околностите под кои се случил настанот. Дополнително, се посочува во соопштението, Министерството за одбрана очекува фирмата што го обезбедува превозот да изврши анализа на случајот со цел да не се повтори истото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.