Економија
Организациите што 4 години се финансирани од ЕУ ќе бидат неподобни за новите акциски грантови

„Ние како ЕУ сакаме да ја развиеме демократијата во целата земја. Регрантирањето е флексибилен инструмент што го користиме за да допреме до малите организации што немаат капацитет да спроведуваат поголеми проекти“, изјави Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ на отворањето на дебатата за регрантирање организирана од Граѓанскиот ресурсен центар, што се одржа денеска во Скопје.
Тој додаде дека со новите повици за акциски грантови организациите што биле финансирани од ЕУ последните четири години ќе станат неподобни и за нив ќе има посебен повик за оперативни грантови.
Првата сесија од дебатата се однесуваше на регионалните искуства во регрантирањето.
Дарио ди Бенедето од Делегација на ЕУ во Косово зборуваше за тамошното искуството каде што се доделени 317 подгрантови во рок од две години и каде што се соочуваат со преклопување на активностите, како и со недоволно ниво на менторирање на корисниците на подгрантовите.
Тина Дивјак од Словенија укажа на бирократските процеси што донаторот треба да ги приспособи според големината на проектот.
„Ако не се занимаваш со брикратија, ќе посветиш повеќе време на активностите од проектот. Донаторот посветува од 20 до 30 проценти од фондовите на проектите за мониторинг за да превенира 2 отсто загуба“, додаде таа.
Ирена Иванова од Делегацијата на ЕУ во Скопје говореше за ситуацијата во Македонија, каде што досега се регрантирани 350 проекти со суми што варираат од 5.000 до 25.000 евра. Таа се согласи дека процедурите треба да се поедностават, но само во случај на подобра пракса и поголема транспарентност.
Во втората сесија претставниците на „Конект“, Центарот за граѓански комуникации, „Преда плус“ и АЛДА ги споделија своите искуства како организации што имаат проекти со регрантирање. Сите имаат пракса да ги менторираат своите корисници на подгрантовите во активностите што ги спроведуваат, но и во раководењето со грантовите. Сите водат сметка добитниците на грантови да бидат млади организации со мали буџети и рамномерно распределени во планските региони на земјата.
Претставниците на „Ганимед“, Центарот за одржлив развој од Дебар и Иницијативата на невработени интелектуалци од Виница ја презентираа страната на организациите што се регрантирани. Тие се задоволни од соработката и беа согласни дека ваквиот начин на финансиска поддршка е инфузија за организациите. Забелешките се однесуваа на сложените административни процедури што не соодветствуваат ниту со големината ниту со времетраењето на нивниот проект, особено регистрацијата на проектите во Секретаријатот за европски прашања и Управата за јавни приходи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.