Култура
91 000 американски долари од САД за санација на Чифте амам

Грант од 91 000 американски долари од Амбасадата на САД доби Националната галерија на Македонија за санација на оштетувањата од влага, зашита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро Чифте амам.
„Доделувањето на грантот од програмата ‘Амбасадорски фонд на Соединетите Американски Држави за заштита на културата’ за оваа година претставува најголемо достигнување во менаџерската практика на Националната галерија на Македонија и обезбедување небуџетски извор на средства. Да споменеме дека ова е втор грант доделен од страна на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Репбублика Македонија, првиот грант беше доделен во 2010 година за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут-пашиниот амам“, изјави Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија.
Проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро Чифте амам, Скопје“ е изготвен во 2013 година. Проектот го изработи Лазар Шуманов. Реализацијата на проектот е предвидена да се одвива во временски период од 18 месеци, веќе почна во јуни месец 2018 година, а се планира да заврши на крајот од 2019 година.
Истиот ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од 2.000.000 денари и со помош на средствата од доделениот грант.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.