Економија
Енергетската заедница нотира наредок во енергетските реформи во земјата

„Усвојувањето на новиот Закон за енергетиката, кој е усогласен со третиот енергетски пакет, е огромен чекор напред кој го направи Република Македонија, а со кој се овозможува правна рамка за воспоставување Ден однапред на пазарот на електрична енергија и спојување на енергетските пазари. Проектот за спојување на пазарите на Република Македонија и Република Бугарија веќе е инициран“, нотира Енергетската заедница во годишниот извештај за спроведување на европското законодавство во согласност со договорот за воспоставување на Енергетската заедница за 2018 година.
Според овој извештај, Македонија е на 3. место по спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор во однос на 9-те земји што се споредуваат.
Извештајот е доказ дека Македонија ги спроведува реформите со забрзано темпо со резултат 50 отсто во споредба со 2017 и е над просекот на ниво на Енергетската заедница, која има просек од 43 отсто. Дополнително е нагласено дека во процес на реализација се 38 отсто од потребните законски и подзаконски акти, со кои дополнително се усогласува македонското енергетско законодавство со она на ЕУ. Доказ за спроведувањето на реформите е и податокот дека против Република Македонија не се води ниту еден спор пред Енергетската заедница.
Во делот за енергетска ефикасност посебно е нагласен постигнатиот напредок под водство на новата Влада во споредба со стагнацијата во изминатите неколку години под водство на претходната влада.
Во четирите главни сектори Македонија е прворангирана во имплементација на законската регулатива за нафени деривати (53 отсто), второрангирана за гас (40 отсто), на 4. место за легислативата поврзана со електричната енергија (52 отсто), а за одржливост е на 6. место (50 отсто).
Во извештајот се наведени и одделни анализи на девет најзначајни сектори, при што се истакнува дека правната легислатива во поглед на статистички податоци за енергетски потреби е усогласена со европската во 98 отсто, за обновливи извори на енергија 52 отсто, за животна средина 54 отсто, за нафтени деривати 53 отсто, а за електрична енергија и енергетска ефикасност усогласувањето моментно е на 52 отсто.
Анализирајќи ги институциите, се нотира дека Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е оценета со 72 отсто и е на прво место во споредба со другите земји членки на Енергетската заедница.
Напредокот во спроведувањето на енергетските реформи започна по одржувањето на самитот за Западен Балкан во Трст, а во најголема мера се должи на донесувањето на новиот Закон за енергетиката, во кој се имплементирани европските директиви и регулативи од третиот енергетски пакет.
Податоците изнесени во извештајот се уште една потврда дека Република Македонија сериозно пристапи кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор откако во јуни по донесувањето на Законот за енергетиката, Секретаријатот на Енергетската заедница ги повлече и споровите поведени кон Република Македонија поради неспроведување на преземените обврски од договорот за Енергетската заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ поскапуваат бензинот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,00 отсто во однос на одлуката од 20 јуни.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 6,182%, кај дизелот за 2,172%, кај екстра лесното масло за 6,442% и кај мазутот зголемувањето е за 2,609%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1578%.
Од 24.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,687 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.