Македонија
Дескоска: Амнестија за насилствата на 27 април не смее да има

Во преамбулата на Уставот ќе се конкретизираат актите на АСНОМ, рече министерката за правда, Рената Дескоска, на конференција во Охрид за реформите во судството. Дескоска рече дека се правеле консултации за предлозите на пратениците кои ги поддржале уставните измени во Собранието.
„Во делот на преамбулата, она што јас сум информирана дека бил тек на разговори со Грција, е практично конкретизирање на актите на АСНОМ, односно да не се подразбира дека манифестот значи повикување на национална борба во соседни држави“, рече министерката.
„Рокот е утре до кога Владата треба да му ги достави нацрт-амандманите на Собранието. Вчера се правеа некои консултации за кои не сум во тек. Она што беше консултација со осумте пратеници во опозицијата, кои ги поддржаа уставните измени, беше договорено внесување на член што ќе го гарантира идентитетот на македонскиот народ. Постигнавме заеднички договор тоа да биде во рамките на нормативниот текст, каде што во еден од членовите кои ќе се менуваат ќе биде ставена гаранција за идентитетот на македонскиот народ“, рече министерката за правда, Рената Дескоска, на конференцијата.
Таа потенцира дека за помирувањето во Собранието до вчера не било прецизирано каков ќе биде составот и дека се прават консултации со политичките партии кои се во парламентот.
„Прашањата кои треба да се разговараат во еден поширок контекст. Премиерот најави и јас мислам дека тоа е став што треба да се поддржи дека амнестија за насилствата на 27 април не смее да има. Тоа се акти на насилство. Многумина пролеаја крв. И тоа остави не само лична траума на тие луѓе, туку остави и колективна траума на општеството. Она што значи насилен акт. Јас мислам дека не треба да има исклучок“, рече Дескоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.