Култура
Седумнаесеттото издание на „Синедејс“ од 8 до 18 ноември

Во периодот од 8 до 18 ноември во организација на Младинскиот културен центар ќе се одржи седумнаесеттото издание на меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“.
Годинешниот фестивал нуди филмови што „гравитираат“ во неколку веќе познати програмски целини: Официјална селекција, CineBalkan, Гала-програма, Музички документарци, МК во ЕУ програма, Ретроспектива на Милош Форман, ЕYE ON FILMS, МК – кратки филмови, Студентска програма, Детска програма, special screenings и богата придружна програма од работилници и богата музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот, CineMusic.
Гала-програмата изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите вo Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 21 филм во Гала-програмата, љубителите на европскиот филм ќе можат да ја погледнат следнава селекција: Don’t worry he won’t get far on foot на Гус Ван Сант, The House that Jack build на Ларс вон Трир, Suspiria на Лука Гуадаџнино, The Man who killed Don Quixote на Тери Гилиам, Peterloo на Мајк Леих, Sunset, на Ласло Немес, The Happy Prince, на Руперт Еверет, Everybody knows, на Асгар Фархади, Cold War, на Павел Павликовски, Walking to Paris, на Питер Гринвеј, The white crow, а Ралф Фајнс, The death and life of Jason F Donovan, на Хавиер Долан, Shoplifters, на Хироказу Корида, Loro, на Паоло Сорентино, Le livre d’image на Жан Лук Годар, Dogman, на МАтео Гароне, Non Fiction, на Оливер Асајас, Isle of Dogs на Вес Андерсон, The Darkest Hour, на Џо Рајт, The Phantom Thread на Пол Томас Андресон, Black KKKlansman на Спајк Ли.
На „Синедејс“ специјално допатува и филмот The Favorite на Јоргос Лантимос, филм чијашто премиера се случи на овогодишното издание на Венецискиот фестивал, а ќе почне да се прикажува во кината дури следната година.
На фестивалот ќе се одржи и долгочекуваната македонска премиера на филмот „Хеј“ на македонскиот режисер Васил Христов.
Жири-комисијата во официјалната селекција ја сочинуваат Верица Недеска – актерка, Бригита Матнеј, финансиски консултант од германскиот фонд Bradenburg Medienboard и професорката по филм и теоретичарка Александра Накиелски.
Фестивалот се одржува под мотото „Збогати се преку ноќ“ со цел да ја поттикне јавноста да размислува на културното и духовното збогатување кое се постигнува со посета на културни настани како што е филмскиот фестивал. Организаторите на денешната прес конференција на која присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов го акцентираа мотото на Синедејс и потенцираа дека богатата филмска и музичка програма на фестивалот во овие 17 години допринесува за збогатување на културниот живот и дека се надеваат дека фестивалот постојано ќе регрутира нова публика.
Билетите за ГАЛА програмата се со популарна цена од 150 денари, сите останати проекции со цена од 100 денари додека проекциите во рамките на Студентската програма, Програмата МК кратки филмови, Детската програма и Работилниците се со бесплатен влез.
Фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Драмски театар Скопје утре гостува на фестивалот РУТА во Тиват

Драмски театар со претставата „Хеда Габлер“ гостува во Тиват, Црна Цора. Од 7 до 12 април во организација на Центарот за култура Тиват се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.
Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април 2024. Гостувањето во Тиват ќе биде 12 изведба на претставата и второ гостување вон матичната сцена. Драмски театар со оваа претстава гостуваше на РУТА во Сараево во мај 2024 година и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2024г.
„Хеда Габлер“ е работена по текст на авторот Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра актерката Сара Климоска.
Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално – етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.
Претставата е на редовен репертоар во Драмски и наредната изведба ќе биде на 24 април 2025 година.
Култура
50-та јубилејна изведба на претставта „Разведи ме“ во МКЦ на 9 април

Во среда на 09. април, со почеток од 20:00, во МКЦ- Скопје, ќе биде одиграна 50-тата, јубилејна изведба на претставта РАЗВЕДИ МЕ, во режија на Роберт Ристов. Оваа комедија, во последните неколку години, со право можеме да кажеме дека го освои регионот а беше и наградена со ГРАНД ПРИ на Меѓународниот фестивал на дуодрама во Топола, Р. Србија. Претставата освен тоа што е изведувана, скоро низ сите градови низ Македонија, гостуваше и во: Трелеборг (Шведска), Белград, Нови Сад, Шабац, Рума, Шид, Врање, Сараево; Бања Лука, Вараждин…
Во претставата играат актерите Мирјана Ристов и Роберт Ристов, а во видеата, кои се дел од дејствието учество земаа: Зорица Панчиќ, Благоја Чоревски – Чоре и Љубомир Свановиќ (гостин од Бања Лука).
Не пропуштајте ја можноста да уживате во јубилејната 50-та изведба на урнебесната комедија „Разведи ме“, која експлицитно и без цензури ги отвара темите за неверството и разводот, ставајќи ве во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено -морални вредности.
Оваа 50 -та изведба е уште една потврда за достигнувањата на „Театар Провокација“, кој веќе 6-та година, успешно ја испишува својата приказна, како независен театар, чија мисија е да провоцира и биде совеста на општеството во кое живееме.
ПР
Култура
Музичко-поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе се одржи музичко –поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“.
Проектот „Мевлем“ е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите. Проектот вклучува премиерни изведби на композиции кои се специјално создадени за оваа прилика, што го прави овој циклус клучен за промовирање на домашното музичко творештво, со фокус на македонскиот културен идентитет. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.
Музичкиот состав кој учествува во „Мевлем“ е составен од врвни музичари: Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот автор Марко Виденовиќ (пијано и глас). Овие уметници, со својата професионалност и посветеност, ќе ја пренесат креативната визија на проектот преку изведба на композиции и поетски рецитации, создавајќи уникатна уметничка атмосфера. Специјално за овој проект, Виденовиќ има компонирано 15 оригинални композиции кои совршено ја надополнуваат неговата поезија, што ја прави програмата богата и полна со емоционални и уметнички детали.
Виденовиќ, чија работа веќе има доживеано успех низ претходни концерти и поетски изданија, го гледа „Мевлем“ како начин за продлабочување на својата врска со публиката, која го следи неговото творештво преку социјалните мрежи и издадени книги. Проектот е плод на долгогодишна работа, со намера да се претстават културните и естетските вредности пред поширок аудиториум.
Со „Мевлем“, уметноста се претставува како составен дел од животот, нудејќи духовни, морални и емоционални вредности, а проектот овозможува уникатен простор за културна промоција на камерното музицирање во Македонија.