Економија
(Видео) Фирми на функциониери со одржлив бизнис ќе може да добиваат пари од Фондот за иновации

Пари од Фондот за иновации ќе може да добиваат и компании кои во сопственичката структура имаат носители на јавни функции за кои ќе се докаже дека имаат одржлив бизнис и дека не се формирани само за да ги добијат парите од државата. Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, на промоцијата на протоколот за постапување со компании поврзани со јавни функционери рече дека настојуваат да нема дискриминирање по основ на сопственост.
„Популистички би било веднаш да се елиминираат компаниите поврзани со јавни функционери. Ниту ги охрабрувам ниту ги обесхрабрувам. Протоколот треба да покаже како да постапуваме кога ќе ни се појават такви компании. Со предлог-протоколот е опфатена поврзаност со јавни функционери тргнувајќи од премиер па сè до претседатели на совети во локалната самоуправа. Се покажа дека не е доволна само изјава за поврзанст со јавни функционери, ни треба да знаеме што понатака. Да најдеме системско решение, а тоа го нуди протоколот“, рече директорот Деспотовски.
Предлог-протоколот предвидува сите апликанти за грантови во Фондот да достават изјави за поврзаност на сопственичката структура со лица на јавни функции, а потоа врз основа на изјавите на компаниите кои ќе се изјаснат за поврзани со функционери се предвидува изготвување анализа на ризик според листа на прашања. Анализата ќе се спроведува во фазата на административната проверка на пристигнатите предлог-проекти, а ќе ја изведува тим од Државната комисија за спречување корупција, надворешни соработници или партнер организација врз основа на листата со прашања.
Наодите од проценката, протоколот превидува да им бидат испратени до Комитетот за одобрување инвестиции во фазата на пред евалузација, оти ова тело ја носи конечната одлука.
Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспареси интернешнал Македонија“, потсети дека Фонот за иновации ги објави резултатите без да ја пропише до крај процедурата за одобрување на грантовите. Тоа го прави сега со протоколот кој нуди можност за проверка на компаниите во јавна, транспарентна постапка во чија подготовка учестувале и „Транспаренси интернешнал – Македонија“.
Предлог-протоколот денес ќе биде објавен на веб-страницата на Фондот за иновации.
„Во следните 14 дена очекуваме забелешки, критики и коментари кои ќе ги земеме предвид при изготвувањето на конечната верзија. Се надевам дека со протокотлот нема повеќе да зборуваме за процедурата туку за квалитетот на предложените проекти“, рече директорот Деспотовски.
Од конечната верзија на протоколот ќе зависи и дали парите од Фондот ќе ги добијат четирите компании кои се изјаснија дека се поврзани со јавни функционери. Пари треба да добијат фирмата „Декодикс“ од чие сопствеништво се иззема снаата на Цветанка Ласкова, компанијата „Т- сенс“ поврзана со сопругата на актуелниот министер за култура, Асаф Адеми, која исто така се иззема од сопственичката структура и за тоа го извести Фондот, „Микросам“ од Прилеп, сопственост на поранешниот министер без ресор Веле Самак, и „Контура“, сопственост на Елена Донева, член на потесното семејство на поранешниот амбасадор Јован Донев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.