Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара под итно судот да го укине решението за замрзнување на имотот

Македонија со СДСМ веќе не е слободна и демократска држава. Државата e заложник на аболицираниот Зоран Заев, кој ги зароби институциите со цел да го заштити сопствениот криминал и да си обезбеди слободен терен за продажба на државните интереси. СДСМ и Зоран Заев по примерот на комунистичките режими го направија последниот чекор да ја спречат ВМРО-ДПМНЕ во своето работење. Власта преку заробеното судство го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ затоа што знае дека партијата е последниот бедем кој застана во одбрана на државата и државните интереси, се вели во соопштението на партијата.
Според опозицијата, целта е да се спречи политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ и неговото спротивставување на грабежот што го спроведува криминалниот картел на СДСМ и продажбата на сè што е македонско.
,,Со ваквиот потег СДСМ ја направи Република Македонија единствената земја во Европа каде власта преку заробеното судство замрзнува имот на опозициска партија, само затоа што не се согласува со нејзините антидржавни политики. Партиското послушно судство за да му удоволи на аболицираниот Зоран Заев неосновано и без никаква правна аргументација го прифати барањето на СЈО-СДСМ. Судот го занемари фактот дека ВМРО-ДПМНЕ како правно лице не е осомничено во постапка, а исто така се занемари и одлуката на Апелација која го веќе еднаш го отфрли ваквото барање. Токму затоа причините за ваквата одлука се исклучиво политички мотивирани и имаат за цел да се уништи секое поинакво политичко размислување и дејствување што се разликува од антидржавните политики на Заев и СДСМ”, се истакнува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ,,за партиското специјално јавно обвинителство и клиентелистички расположениот суд не е важно што се повредени протоколите и праксата на Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за заштита на човековите права, за нив важно е да му се исчисти патот на Зоран Заев за целосно бришење на македонскиот идентитет и конечна капитулација на Македонија”.
ВМРО-ДПМНЕ бара итно судот да се ослободи од прангите на власта и да се укине решението за замрзнување на имотот затоа што истото е неосновано, противправно и недозволено.
,,Заканите, уцените и блокадите нема да ја исплашат ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите потези само укажуваат дека партијата е на вистинската страна во одбрана на државата и дава дополнителна мотивација во одлучноста за борбата за Македонија против оваа антимакедонска и антидржавна власт. За ова политичко насилство и обид да се забрани опозициско дејствување некој мора да сноси и лична и политичка одговорност. Заев и СДСМ за многу брзо ќе се соочат со граѓаните и ќе заминат во историјата како единствена власт што ги продавала националните и државни интереси за да ги спаси сопствените криминали. Република и Македонија и граѓаните ќе победат!”, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.