Македонија
(Видео) Продолжи изградбата на деветкатницата пред „Мајчин дом“, протести нема

Рано утрово продолжи изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“ без протести или обиди да се сопрат багерите. Инвеститорот Фатмир Етеми вчера најави дека ќе продолжи со градење оти утврдиле дека нема начин да биде обесштетен.
„Градежните работи се во тек. Нема проблеми, нема протести. Уште еднаш сакам да кажам дека тоа што сум го ветил, дека ќе градам ново зеленило, нов парк, ќе го исполнам, ќе го одржам зборот што сум го дал. Освен зеленилото покрај зградата, во соработка и консултација со граѓаните од околните згради ќе одбереме локација за нов парк во чии рамки ќе изградиме и детско игралиште со реквизити за игра. Ова е нашиот начин да докажеме дека сме општествено одговорна компанија“, изјави за „Макфакс“ инвеститорот Етеми.
Покрај за Аеродром, Етеми вели дека неговата компанија Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје ќе инвестира во решавање на голем градски проблем, но за тоа остави да информираат градските служби и градоначалниците.
Етеми продолжи со градење по тринеделни преговори со Општина Аеродром и Град Скопје во кои се бараше начин тој да биде обесштетен, а деветкатницата да не се гради иако има одобрение за градење и предвидена е во урбанистичките планови. Нова локација соодветна на оваа кај „Мајчин дом“ не успеале да најдат, а за обесштетување со пари празна била касата на Аеродром од која требаше да се одвојат 8 – 11 милиони евра за обесштетување.
Во средата и Уставниот суд потврди дека плановите се донесени во законска процедура и покрај бројните забелешки од граѓаните. Со одлуката на Уставниот суд, од Аеродром рекоа дека се исцрпени сите можности за обесштетување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство се обиде да ја релативизира одговорноста на актуелните функционери

Според СДСМ, со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврдило дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија велат дека наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, како што се додава, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.