Македонија
Судот ја одби жалбата на ВМРО-ДПМНЕ – белата палата останува замрзната

Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја одби жалбата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која побара да се укине мерката за замрзнување на имотот бидејќи, како што соопштија од таму, со тоа ѝ се нанесува штета на партијата.
„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска, постапуваше по жалба изјавена против решение на судија на претходна постапка, кој го уважи предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите и изрече привремена мерка за обезбедување недвижен имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ опфатена со предлогот. Советот, по ценење на фактите и доказите во жалбата, донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судијата на претходна постапка“, се наведува во соопштението на судот.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вчера оцени дека барањето на СЈО и одлуките на судиите се неосновани, без аргументација и политички мотивирани. Јанушев е дециден дека со ова е повредена праксата на европскиот суд за човекови права.
Кривичниот суд вчера замрзна 69 имоти на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и седиштето на партијата, позната како белата палата. Со оваа мерка се забранува продавање на конкретниот имот, како и давање под закуп. Од СЈО велат дека дејствата се преземени во рамките на предметот „Талир“ со оглед на тоа што постои веројатност тој имот да биде отуѓен до завршување на постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани

Тендерите во РЕК и ЕСМ, во време на власт на Заев и Филипче завршуваа само кај ним омилената фирма, Марковски компани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„За неколку години, оваа фирма доби над 200 милиони евра во тендери, а дел од тие пари потребно е да се истражат дали завршиле во фирмите на Заев и Филипче во Бугарија. Поради сиве овие местенки и испумпувања на буџетот, како и заштита од поединци од судството на Заев и Филипче, сопственикот на Марковски компани доби куќен, наместо затворски притвор.
Една од историско најголемите зделки во РЕК и ЕСМ, ја добила токму Марковски компани, од неверојатни 46 милиони евра.
Иако, на овој тендер се пријавиле и други фирми со 30% пониска цена, Заев и Филипче овој тендер му го доделиле на Марковски компани.“, се вели со партиското соопштение.
Прашањето кое остана неодговорено е каде завршиле овие дополнителни 30% средства, односно во бројка околу 14 милиони евра? Дали овие 14 милиони евра завршиле на сметка на фирми на Заев и Филипче во Бугарија? Зошто Заев и Филипче молчат?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„На ваков начин СДС работеше долги година на власт. Тендери си делеа неколку луѓе од врвот, како Заев и Филипче, а потоа си ги делеа и си инвестираа во фирми. Од друга страна, беа заштитени од страна на судството и обвинителството, кое тие го држат под контрола. Затоа, ги повикуваме граѓаните, да го поддржат бројот 9, и да го направат вистинскиот избор. Со твојот човек, за твоето место, за твојата иднина“, завршуваат од владејачката партија.
Македонија
Последна седмица од кампањата за локалните избори 2025

На една седмица од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжуваат со претставување на своите програми и кандидати пред граѓаните. Денеска се најавени митинзи и директни средби во повеќе општини низ државата.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги претстават своите кандидати во Чучер-Сандево, Свети Николе и Штип, додека СДСМ има најавено активности во Ново Село, Босилово, Василево, Радовиш и во Струмица.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се обрати на прес-конференција што ќе се одржи во 10:30 часот во неговиот Штаб наспроти „Тренд“ во центарот на Скопје.
Каја Шукова – кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ и Коалицијата ќе даде изјава за медиумите во Градски парк кај Кермез во 11:30 часот.
Со почеток во 12:00 часот, кандидатот на Вреди за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, ќе одржи прес – конференција во неговиот изборен штаб на плоштад Скендербег.
Прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје денеска напладне ќе одржи потпретседателот на Демократската унија за интеграција Арбер Адеми на која ќе се обратат и кандидатот за градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, и кандидатот за градоначалник на Јегуновце, Насир Абази.
Кампањата официјално завршува на 17 октомври на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.
Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност

Времето во Македонија денеска претпладне ќе биде променливо облачно, во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и дневни температури од 16 до 22 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.