Економија
Шеста конференција во организација на Ерсте банка и Шпаркасе банка – Македонија
Шеста година по ред, во организација на Ерсте банка и Шпаркасе банка – Македонија, во хотелот „Александар палас“ се одржа конференцијата Erste Investors’ Breakfast. Настанот претставуваше можност на едно место да се сретнат претставници од домашниот финансиски сектор со финансиски аналитичари и експерти од регионот, кои ги разменија своите искуства и видувања за актуелните трендови во финансискиот свет, глобално, регионално, како и со посебен осврт за Р. Македонија.
На конференцијата присуствуваше и министерот за финансии, г. Драган Тевдовски, кој заедно со претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка – Македонија, г. Глигор Бишев, ја отвори конференцијата со свои воведни излагања. Главниот економист на Народната банка на РМ, г-ѓа Анета Крстевска, зборуваше за монетарната политика и за макроекономските превидувања за Р. Македонија, а за актуелните состојби во однос на криптовалутата и нејзината иднина говореше специјалистот на Thomson Reuters, г. Иван Илековиќ. Во преостанатиот дел од конференцијата експертите и аналитичарите од Групацијата Ерсте, како и реномиран претставник од Министерството за финансии на Р. Македонија, беа дел од трибината на темата „Приказ на големите пазари“.
„Се надеваме дека на денешниот шести по ред Erste Investors’ Breakfast на нашите колеги од финансиската фела им овозможивме во една помалку формална атмосфера да ги разменат видувањата за актуелните случувања во светот на финансиите и бизнисот за годината што изминува, како и за плановите за развој во наредниот период. Како и секоја година, ни претставува огромна чест и задоволство да бидеме домаќини на овој значаен настан во Р. Македонија и заедно со стручните аналитичари од Групацијата Ерсте да ги искажеме нашите препораки за справување со глобалните и со локалните предизвици што влијаат врз одржувањето на стабилна монетарна политика и стабилните услови за инвестирање во земјата и во регионот“, изјави г. Борче Шулески, директор на Секторот за управување со средства во Шпаркасе банка – Македонија.
Шпаркасе банка – Македонија АД Скопје е дел од Групацијата Ерсте и Шпаркасе, која се состои од 49 штедни банки со речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Република Австрија. Воедно, таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратегиска ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и Шпаркасе банка – Македонија да претставува доверлив партнер за своите клиенти. Заедно со банките ќерки во Австрија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Црна Гора таа е дел од сеопфатните банкарски мрежи во регионот – Штаермеркише Шпаркасе, која со својата билансна сума од 15 милијарди евра, 2.751 вработен и 233 експозитури и регионални центри опслужува околу 702.414 клиенти во земјите од регионот на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.
Економија
Божиновска меѓу енергетските лидери на P-TEC форумот во Атина: фокус на новата трансатлантска соработка
Во Атина денес официјално започна Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC)– глобален форум што ги обединува енергетските министри од 25 земји од Европа и Северна Америка, посветен на унапредување на енергетската безбедност и стратешките инфраструктурни проекти.
По покана од американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и грчкиот министер за енергетика Ставрос Папастравру, министерката Божиновска присуствуваше на свеченото отворање на форумот и потпишувањето на новиот договор за соработка меѓу САД и Грција.
Форумот, кој ги обединува енергетските министри од 25 земји од Европа и Северна Америка, претставува водечка платформа за дијалог за енергетската безбедност, диверзификацијата на изворите и стратешките инвестиции во регионот.
На настанот беше потпишан стратешки енергетски договор меѓу ExxonMobil, Energean и Helleniq Energy, кој предвидува 60% инвестициски удел во истражувањето на гасното подрачје „Block 2“во Јонското Море, северозападно од Крф.
Со овој потег, САД и Грција ја отворија новата фаза на билатерална енергетска соработка, вредна меѓу 50 и 100 милиони долари, насочена кон засилување на регионалната безбедност и диверзификација на европскиот пазар.
Во своето обраќање, грчкиот министер за енергетика Папастравру ја спомена Северна Македонија како пример за успешна и стабилна регионална соработка, истакнувајќи дека заедничките енергетски проекти со Македонија се модел за доверба и интеграција во југоисточна Европа.
Вчера вечер, министерката Божиновска по посебна покана на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Атина, Кимберли Гилфојл, присуствуваше и на приемот во чест на американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и секретарот за внатрешна безбедност Даг Бургам, организиран во Амбасадата на САД во Атина.
Настанот беше од висок дипломатски карактер, на кој присуствуваа американската делегација, европски министри и претставници на водечки енергетски компании, со цел зајакнување на трансатлантското партнерство и инвестициите во чиста енергија и инфраструктура.
Форумот P-TEC, кој се одржува во Zappeion Megaron, оваа година собра над 400 високи претставници од 25 држави, и потврди дека енергетската соработка меѓу Европа и САД станува стратешка оска на стабилност и развој во регионот.
Присуството на Македонија на вакви форуми е потврда дека нашата земја се движи рамноправно со европските и трансатлантските партнери во новата енергетска ера, соопштија од министерството.
Економија
Бизнис-форумот Грција – Северна Македонија ги поттикнува економските врски
Повеќе од 60 компании од Грција и од Северна Македонија се собраа денес во Стопанската комора на Северна Македонија на бизнис-форум на високо ниво наменет за продлабочување на економската соработка. Настанот, коорганизиран од грчката амбасада во Скопје и од Стопанската комора на Северна Македонија, овозможи повеќе од 200 B2B (бизнис-до-бизнис) средби.
Форумот го отворија Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Софија Филипиду, амбасадорка на Грција. Во своето воведно обраќање амбасадорката Филипиду нагласи дека овој форум претставува извонреден пример за тоа како две соседни земји, кои имаат толку многу заедничко, може да ги развиваат и продлабочуваат економските врски во корист на двете економии.
Високата посетеност и значајниот број на денешните B2B средби јасно укажуваат на интересот да се премине од дискусија кон конкретни акции.
Делегацијата ја сочинуваа високи претставници од Атинската стопанска и индустриска комора (ACCI), Хеленската федерација на претпријатијата (SEV), Асоцијацијата на грчките извозници (SEVE) и Enterprise Greece. Грчките компании што учествуваа на форумот претставуваа клучни економски сектори, меѓу кои градежништво и градежни материјали, енергетика, фармацевтски производи, храна и информатичка технологија.

