Култура
Балетски перформанс „Метаморфоза“ во МОБ

Во Македонската опера и балет вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи современиот балетски перформанс „Метаморфоза“ – кореографија на Ивана Коцевска. Овој современ балет го проблематизира телото како субјект на состојби и сензации, како збир на афекти.
Делото се занимава со соматското истражување низ техниките и антитехниките на телесното, на вертикалното и хоризонталното, симетричното и асиметричното. Работи со позиции и антипозиции, а е јукстапозиција на кохерентното, иако се занимава со симетрија и асиметрија во кореографијата, но и во изведбата. Кореографското интервенирање во просторот не е преку техниката и формите, туку преку нивно генерирање, а целта е да се исцртуваат различни позиции на телата кои се менуваат во него. Менувањето во движењето, менувањето на телесното, односно неговото реформирање низ изведбеното, нуди интервенирање во она што е балет, односно нуди нови прегледи на балетското тело како ново, променето и девертикализирано.
Танчери: Христина Наќевска, Ивана Димковска, Меланија Гоцевска, Медина Јусуфович, Виолета Карајанова, Мила Ниновска, Матеа Каревски, Теодора Ежовска, Јована Зајкова, Мирослав Митрашиновиќ, Ендру Кук, Бојан Мицев,Теодора Ставревска, Ивана Коцевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Велигденски концерт со грандиозната „Голема миса“ во Це-мол од генијалниот Моцарт

Во среда, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи својот Велигденски концерт насловен „Per Aspera ad Astra“ („Низ трње до ѕвездите“). На концертот за првпат ќе биде изведена „Голема миса“ во це-мол, вокално –инструментално ремек-дело на Волфганг Амадеус Моцарт. Диригентка е Ребека Тонг од Индонезија, а како солисти ќе настапат сопранистките Милена Арсовска и Гонца Богоромова Краповски, тенорот Благој Нацоски и басот Игор Дурловски. Настапува и хорот „Едикт“ од Ниш.
Маестра Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистент во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“. Во сезоната 2020/21 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, Оркестарот „Моцарт“ од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет „Great Wall“, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост“ ја нарече „предводник на индонезиската класична музика“. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастеркласи кај ментори како сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон, на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.
Гонца Богоромова Краповски е уметница која своите достигнувања успешно ги афирмира на домашната и меѓународната концертна сцена како една од најистакнатите вокални уметници од помладата генерација на солисти во нашата земја. Има активна и сестрана кариера како солист, педагог и камерен музичар. Како изведувач, таа остава силен впечаток со обемот на репертоарот кој вбројува дела од периодот на барокот, класицизмот, романтизмот и современата музика на 21 век, и важи за сопран со софистициран уметнички израз и исклучителна вокална техника.
Настапува со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар од Минхен, оркестарот на Државната опера од Пловдив и оркестарот на Македонската опера и балет. Настапува со исклучителните пијанисти како Милица Шкариќ, Марија, Вршкова, Елена Атанасовска, Милен Станев, Вјара Шуперлиева, Димитри Василакис … Посветена на концертната дејност, таа е уметник која настапува на сите реномирани фестивали во земјава: „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“, „ДММ“, а на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ го остварува своето концертно деби каде заедно со ансамблот „Алтус“ беше изведена светска премиера на дела од композиторскиот опус на Панде Шахов. Со настапите на 62-то и 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“, Богоромова се потврдува како уметник со голем афинитет кон современото македонско музичко творештво.
Одликувана како „претставник на младата генерација на квалитетни пејачи“ со „блескаво чист глас“, македонската сопранистка Милена Арсовска ја започна својата кариера на многу млада возраст во Македонската национална опера. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултет за музичка уметност во Скопје, со диплома за музика cum laude и магистрира на МУК, Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Студиите ги продолжува со учество на мастер класи кај реномирани пејачи како Мариела Девиа, Красимира Стојанова, Клаудија Виска и Илко Начев. Милена Арсовска ја започна својата сезона 2024/25 со голем успех како солист во 2-те прекрасни дела, Втората симфонија на Малер и Миса Солемнис од Бетовен со Националниот синфониски оркестар во Богота. Оваа сезона таа дебитира и во “La Boheme” како гостин на Театарот Вилки в Лоџи во улогата на Музета. На почетокот на новата година таа дебитира на Новогодишен гала концерт со Синфониски оркестар на Сицилија во Палермо. Нејзините ангажмани во театарот Мајнфранкен во Вурцбург оваа сезона ги вклучуваат улогите на Глауче во “Медеа”, Софи Шол во “Белата роза” и Микаела во “Кармен”.
Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особенo ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност, Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланската скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија… Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри како „Сан Карло“ во Неапол, „Реџо“ во Парма, Операта во Каљари, „Верди“ во Трст, „Карло Феличе“ во Џенова, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската државна опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната опера во Штутгарт, Кралската опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната опера во Прага, Операта во Лимож, Гран театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори хол во Токио, Рјутопиа центарот во Ниигата, Национална опера во Варшава, Градскиот театар во Клагенфурт, Националната моравска опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил, пеејќи главни тенорски ролји. Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа Сонот на Скипион за Дојче грамофон и Аријадна на Наксос за ТДК и ЦД на Лучија од Ламермур за Динамик, Ромео и Јулија заедно со Андреа Бочели за ДЕККА, Зенобија во Палмира за Бонџовани и Те Деум од Флавио Колусо за МР Класикс, Блу-Реј од претставата Турандот од Миланска скала повторно за ДЕККА.
Игор Дурловски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје и ја завршил својата магистратура со највисока оценка – cum laude. Дурловски дебитирал во 1999 година во Македонската опера, каде што учествувал во повеќе од 20 премиерни продукции. Неговото меѓународно деби било во Виенската камерна опера (Wiener Kammeroper) во улогата на Нонакур во „Il cappello di Paglia di Firenze“ од Нино Рота, по што следеле улогите на Плутон во „Ballo delle Ingrate“ и Плутоне во „Euridice“. Во сезоните 2009 – 2011 настапувал во бројни продукции во Државниот театар во Касел (Staatstheater Kassel). Во 2013 година дебитирал во Операта во Лајпциг (Leipziger Opera) како Грома/Крал на самовилите во „Die Feen“ од Вагнер, а истата година настапил и на Бајројтскиот фестивал (Bayreuth Festspiele). Во 2014 година дебитирал во Линцер Ландестеатар (Linzer Landestheater) во улогата на Зарастро во нова продукција на „Волшебната флејта“ („Die Zauberflöte“). Во 2015 година настапил во Државниот театар во Штутгарт (Staatstheater Stuttgart) во улогата на Аницето во „Berenike“. Во 2016 година дебитирал во улогата на Тимур во „Турандот“ во Макао, Кина, а во 2017 година настапил во Операта во Хонгконг со „Аида“. Здружението на македонски композитори му ја додели наградата „Георги Божиков“. Исто така, бил лауреат на меѓународниот натпревар „Jeunesses Musicales“ во Белград.
Култура
Изложба на слики на Драган Бошковски во Куманово

Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – МОТУС од Куманово, во период од 16 април (среда) 2025 до 2 мај 2025 во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ја организира својата прва ликовна изложба со наслов „Драган Бошковски – Прва самостојна изложба“.
Драган Бошковски е кумановец кој со ликовната уметност се занимава во континуитет педесетина години, започнувајќи со своето прво дело кое го има насликано на 13-годишна возраст. Слика во техниките масло на платно, лесонит, шперт плоча и дрво, темпера на хартија, картон и платно.
Во периодот од 2001 до 2024 година, со своите дела редовно учествува на изложбата „Самоуки“ во организација на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Неговиот творечки опус надминува четиристотини дела, од кои добар дел се наоѓаат во приватни колекции на просторите на поранешна Југославија, Холандија, САД, Италија и Бугарија.
Оваа изложба воедно е негова прва самостојна изложба со која се претставува пред пошироката јавност.
На изложбата ќе бидат изложени вкупно 22 дела, работени во техниките масло на платно и лесонит, како и темпера на хартија, картон и платно.
Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година.
Изложбата ќе биде отворена на 16 (среда) април 2025 во 19:30 часот во Изложбениот салон на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово и ќе биде поставена до 02.05.2025.
Култура
Книжевен портрет на Јордан Плевнеш во македонскиот КИЦ во Софија

На 15 април (вторник) 2025 со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи литературниот настан „Портрет на Јордан Плевнеш во Софија“ кој е замислен како средба со познатиот македонски писател Јордан Плевнеш.
Вечерта ќе започне со воведни обраќања кон присутните од страна на Александар Морфов, Христо Бојчев, Захари Иванов. Гости од Народен театар „Иван Вазов“, кои исто така ќе се обратат, се: Марин Јанев, Ања Пенчева, Василка Бумбарова, а гости од Сатиричен театар се директорот Калин Сарменов, Теодор Елмазов и Јорданка Стефанова. Поздравниот говор по повод вечерта ќе биде на академик Љубомир Кекеновски, претседател на Научниот совет на Academia Balcanica Europeana.
Од промоторите и пријателите на Плевнеш, како и од него самиот, посетителите ќе можат да слушнат за неговите дела и искуства и како тие искуства ги вплетува во литературното творештво. Посетителите ќе може од прва рака да слушнат за неговата поезија, неговите драми и романи, за искуствата од театарските сцени каде што се поставени и играни неговите драмски текстови. Ќе се даде осврт и на играниот филм „Тајната книга“, но и на бројните документарни телевизиски филмови и портрети на значајни личности од сферата на културата, уметноста и јавниот живот.
Посетителите ќе имаат можност да запознаат еден забележителен автор од балканската и меѓународната книжевна сцена, познат по неговото творештво како македонски романсиер, драматург, поет и дипломат. Неговото пишување често ги истражува темите на идентитетот, егзилот и метафизичките комплексности на постоењето, како одраз на културните и историските вкрстувања на Балканот.
Најпознатиот роман на Плевнеш, „Осмото светско чудо“, е опишан како филозофско патување низ времето и просторот, спојувајќи елементи на митологија, историја и надреализам. Неговите ликови често живеат во лиминални простори, и географски и духовно, пресликувајќи ги сопствените искуства на Плевнеш како личност вкоренета на едно место, но интелектуално и уметнички номадски.
Гласот на Плевнеш како писател е лирски и интензивен, со поетски стил кој ги спојува егзистенцијалните прашања со секојдневниот живот на неговите ликови. Неговиот јазик е често симболичен, слоевит со референци за балканскиот фолклор, античката историја и европските книжевни традиции, кои придонесуваат за богатиот, безвременски квалитет на неговите дела.
Јордан Плевнеш е еден од најзначајните современи македонски драмски автори. Неговите драми се преведени и играни во бројни театри во земјата, регионот и пошироко во Европа и светот. Тој е долгогодишен Претседател на ИТФ Актерот на Европа, Претседател на Фестивалите на кинематографиите на Југоисточна Европа во Париз и Берлин. Претседател на Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот. Амбасадор на Република Македонија во Франција, Шпанија и Португалија.
Јордан Плевнеш e поет, драматург и романсиер. Роден е на 29 октомври 1953 во Слоештица, демирхисарско. Основно училиште завршил во Демир Хисар, средно во Битола, а високо образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрира на Филолошкиот факултет, на тема „Македонската народна драма“. Во 1975 година станува уредник на културната рубрика во „Студентски збор“ а од 1980 до 1985 година е уредник во Издавачката куќа „Мисла“. Во периодот од 1985 до 1988 година работи како асистент на Институтот за литература во Скопје. Подоцна предава креативно пишување на повеќе европски и американски универзитети, а од декември 2000 до 2005 година беше амбасадор на Македонија во Франција, Шпанија, Португалија и при УНЕСКО. Во 2005 година станува потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите, а од октомври 2008 е ректор на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима. Драмите на Плевнеш се објавувани и изведувани во над триесетина земји во светот. Пишува на македонски и француски јазик, а преведува од српско-хрватски, грчки и француски јазик. Прва негова публикувана книга е збирката поезија „Теорија на отровот“, објавена 1980, по што следуваат драмите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“, „Подземна република“, „Безбог“ , Среќата е нова идеја во Европа“ , „Последниот ден на Мисирков“, „Глобална комедија“ и други. Романот „Осмото светско чудо“ е негов прв роман, објавен 2005 година. Добитник е на наградите „Студентски збор“, наградата за најдобар драмски текст на XIII МЕСС во Сараево, на вонредната награда на „Стерино позорје“ – Нови Сад, за драмата „Подземна република“ изведена од Битолскиот театар, високата награда на Националниот центар за книжевност на Франција за драмата „Среќата е нова идеја во Европа“, интернационалната награда на франкофонијата „Сребрен јасмин“, во 2004 година, за целокупното негово творештво, а во 2008 година Претседателот на Р. Франција му ја врачи високата француска награда „Офицер на книжевностите и уметностите“. Во 2015 година за драмата „Кирил и Методиј – Who are you?“ на Европскиот театарски фестивал во Букурешт ја добива наградата Гран При на НЕТА. 2021 година Француската академија му ја доделува наградата Гран При за животно дело. Академик Јордан Плевнеш, претседател на Academia Balkanica Europeana, е добитник и на многу други домашни и меѓународни книжевни признанија и награди, меѓу кои наградата за животно дело „Свети Климент Охридски“.