Топ
Еден загинат и пет повредени во сообраќајка меѓу автобус и автомобил кај Струга

Едно лице загина, а пет се повредени во сообраќајна несреќа што се случила утрово во 5 и 45 часот на патот Подмолје-Струга, кај селото Мислешево.
Според информациите на охридската полиција, во несреќата учествувале автобус со охридски таблички и автомобил со струшки регистарски ознаки.
„На крстосницата кај селото Мислешево случена е сообраќајна незгода, во која едно лице го загуби животот, а пет други имаат телесни повредени. Сообраќајната незгода се случила помеѓу автобус со охридски регистарски ознаки и патнички автомобил со струшки регистарски ознаки, управуван од сега починатиот“, велат од СВР-Охрид.
Од таму додаваат дека се преземаат мерки за идентификација на починатиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Нов скандал, братот на градоначалникот Стефковски лета по улиците, за него не важат законите

Денеска објавуваме нов скандал. Граѓаните ќе видат она што одамна го знаат: функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност. Со ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на МВР, наместо ред и поредока, царуваат неказнивоста и селективноста, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
„На 20 април 2025 година, точно во 18:31 часот, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фаќа возило со преголема брзина, далеку над дозволената. Станува збор за ова возило „Мини Купер“ со скопски регистарски таблички, управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски. Тој воедно е и сопственик на автомобилот. Среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје“, кажа Кузеска.
Полицајците, како што појасни го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР.
За само една минута, началник од МВР, кој според информации на СДСМ тогаш дури и не бил во земјата, се јавил на полицајците и им дал наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им било казната да ја запишат на друго лице.
Така, казната, според Кузеска е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929.
„И оваа документација свиркачите ја доставија до нас, нема да ја објавуваме за да ги заштитиме. Секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи, сообраќајки со тешки последици има на секој чекор. Сè уште се свежи болните спомени на трагично прегазената Фросина во Скопје. И што прават Тошковски и МВР? Наместо да обезбедат почитување на законот, ги штитат прекршителите — само затоа што се функционери на ДПМНЕ. Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. „Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи“.
Ако за брат на фукционер на ДПМНЕ нема одговорност, како што рече Кузеска, што да очекуваат граѓаните кога станува збор за повисоките функцинери.
Таа додава дека функционерите на ДПМНЕ се над народот, над законите и над Уставот.
За нив, како што оценува, нема одговорност.
„Сите други се виновни, само тие не. СДСМ бара целосна истрага, одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу. Со Тошковски, законот не важи за функционерите на ДПМНЕ. Ова е безаконие. Време е за одговорност“, порача Кузеска.
Топ
Превртен автомобил во сообраќајна несреќа во Аеродром

Автомобил се преврте утрово по сообраќајна несреќа помеѓу две возила на крстосницата помеѓу булеварите „Видое Смилевски Бато“ и „Србија“ во Аеродром.
Засега нема информации за повредени лица.
Несреќа на истата крстосница имаше и пред две недели, пришто повредено беше едно лице.
Македонија
„Заслужуваме одговори“: семејствата на жртвите од пожарот во Кочани утре на протетстен марш во главниот град

Семејствата на загинатите во трагичниот пожар во Кочани за утре, 29 април, најавија протестен „Марш за ангелите“ во Скопје.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со ‘фати, па пушти’, без да има јасно образложение за таа законска процедура и што се создава во нашите мисли, кои се на работ на себеуништување“, се истакнува во писменото известување од семејствата.
Во повикот е нагласено дека тие и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.
Маршот, според најавите, ќе почне пред Oбвинителството во Скопје во 12.05 часот како симболика за задоцнетата реакција на институциите, а ќе продолжи кон плоштадот Македонија и ќе заврши пред Собранието.