Македонија
Манчевски и Дескоска на годишната конференција на УПОЗ
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерката и заменик-министерот за правда, Рената Дескоска и Оливер Ристовски, се обратија на годишната конференција во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓаните на РМ- УПОЗ.
„Работните групи ги утврдија деновите на платено отсуство заради лични и семејни околности, и тоа до седум работни дена во годината и правото на неплатено отсуство. Во институциите каде што има синдикална организација, на претставникот ќе му биде овозможено да биде дел од функционалната анализа на самата институција. Се утврди надоместокот на трошок поврзан со работата. Целиот колективен договор е прегледан. Сите одредби кои веќе се дел од Законот за административни службеници и Законот за работни односи, останаа исти како во постоечките закони. О особено е значајно што за првпат ќе се утврдува ниво и бодови за плата за помошно-техничкиот персонал, преминувањето од едно на друго ниво, ќе се дефинираат правата и обврските за време на штрајк, како и дисциплинските постапки“, изјави министерот Манчевски.
Тој се осврна и на активностите што МИОА ги презема во моментов, а се во правец на професионализација и департизација на јавната администрација. Во тек е изработка на нов закон за висока раководна служба, со што се прави јасна разлика помеѓу политичките и професионалните позиции, а се воведуваат и јасни критериуми за избор на раководната служба, посочи тој.
Министерката Дескоска истакна дека наследила отворени прашања, но потенцираше дека Владата е отворена за социјален дијалог со синдикатите и со сите оние кои се за подобрување на правата на вработените.
„Паралелно со дијалогот за колективен договор имаме и законодавни процеси кои се одвиваат. Во делот на измената на Законот за судска служба, разговаравме за одредени можни решенија со претставниците на УПОЗ и Здружението на судската администрација“, истакна Дескоска.
Во однос на вработените во казнено-поправните установи, Дескоска информираше дека Закон за извршување санкции во моментот е објавен во ЕНЕР, а дека на процесот му претходело дијалог со синдикатите.
Министерката за правда истакна дека се разгледуваат можностите за зголемување на платите во рамките на правосудството и се очекува позитивна одлука во Владата во однос на овие прашања. „Буџетот за судството за следната година ќе биде поголем од оваа година. Се надевам дека заеднички ќе овозможиме реализација на овие средства“, додаде министерката.
Претседателот на УПОЗ ги поздрави активностите на Владата кои се во рамки на нивните барање со цел подобрување на условите и правата на вработените во јавната администрација. Како што посочи тој, Владата покажува спремност за отворен социјален дијалог и резултатите за тоа се видливи во изминатата година и половина.
„Остануваат отворени неколку прашања кои се однесуваат на нашите барања како синдикат, но важно е дека по долго време имаме влада што е спремна да ги чуе нашите барања и заеднички да изнајдеме решение за сите проблеми“, заклучи претседателот на УПОЗ, Грујовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

