Македонија
Дамовски: Случајот со Тамара не треба да се гледа како беспоговорно прифатена вистина
																								
												
												
											„Ако се видат прецизно датумите и одлуките кои лекарите ги носеле во случајот со малата Тамара, редно е некој да ги праша и родителите зошто така се однесувале, зошто не ја однеле Тамара во Истанбул на лекување кога веќе парите биле уплатени во таа болница и зошто дозволиле да се разболи од воспаление на белите дробови“, вели за „Макфакс“ сопственикот и главен уредник на порталот mkd.mk, Александар Дамовски, кој вчера објави текст кој отвори една нова димензија со случајот со смртта на деветгодишната Тамара Димовска која страдаше од тежок деформитет на рбетниот столб а почина во 2015 година.
Сторијата на Дамовски наиде на жестоки критики од невладините организации и активистите за заштита на човекови права кои долго време протестираа барајќи оставка од тогашниот министер за здравство Никола Тодоров и сите одговорни, со тврдење дека системот потфрлил бидејќи навремено не ја испратил Тамара на лекување во странство за да се изврши интервенција.
Во текстот на порталот mkd.mk, повикувајќи се на официјални документи, се тврди дека лекарските комисии (првостепената и второстепената) во октомври 2014 година одбиле да дадат решение за лекување од странство на Тамара поради нецелосната документација и немањето конзилијарни мислења, како и поради фактот што во тој период и во Државната болница и во приватната болница Систина Аџибадем во Скопје биле отворени спинални центри. Кога документацијата била комплетирана, во декември 2014 година лекарите издале решение за упатување на лекување на Тамара во Медипол болницата во Истанбул, а биле уплатени 30 илјади евра на сметката на болницата. Во текстот се тврди дека мајката на девојчето сметала дека во оваа болница операцијата нема да биде успешна и барала нова болница, во Турција или во Германија. Министерството за здравство повикало познат ортопед кој сметал дека е потребна операција со голем ризик и ја препорачал болницата Аџибадем во Истанбул. Два месеци подоцна, комисиите одлучуваат да го послушаат турскиот ортопед, го менуваат решението и ја упатуваат Тамара на лекување во Аџибадем. Четири дена подоцна, Тамара починува, а според текстот, причината за смртта е нелекување на воспаление на белите дробови.
„Сега, реакциите во јавноста се очекувани. Кога ќе фати бранот, потоа тешко е да се прифати нешто друго, нешто поинакво од она што значи беспоговорно прифатена вистина, Во случајот со Тамара, ако се прегледа целокупната димензија, работата изгледа малку поинаква. Никој тука не го брани ‘министерот на смртта’ како што беше нарекуван тогаш министерот за здравство Никола Тодоров. Од документите кои ги поседувам се гледа една непрецизност во пропишаната процедура, недефинирани обврски и рокови, што едноставно лесно доведува до ваквиот волунтаризам и неодговорност кога се работи за човечки живот“, вели Дамовски, додавајќи дека податокот дека објавените информации „некого болат во целата политичка инструментализација на случајот”.
Три години по смртта на Тамара на обвинителна клупа се 12 лица, а судењето е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
„Неколкуте оставки во СДС не се доволни кога проблемот лежи во лидерството на Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
														„ВМРО-ДПМНЕ оствари историска победа на овие локални избори, освојувајќи 54 општини плус градот Скопје. Владината коалиција покажа дека е стабилна и легитимна, обезбедувајќи вкупно 66 општини од 81, што претставува доверба од граѓаните за нов почеток и вистински промени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Симболиката на оваа победа најсилно се гледа во Кичево, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, доби поддршка од сите етнички заедници, и е слика на заедништво во град кој со години беше бастион на ДУИ. Токму во Кичево, обединувањето на граѓаните стана симбол на отпорот против корупцијата и партиската злоупотреба,
Во Брвеница, Јовица Илиевски победи и покрај нечесната кампања на противкандидатот. Во Карпош, новиот градоначалник е Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ, како и во Град Скопје каде довербата од граѓаните ја доби Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
На овие избори, граѓаните јасно порачаа дека е време за промени, за нови лица и нова енергија што ќе ја води државата напред во следните четири години. Народот реши да стави крај на неправдите и да ја довери својата иднина на луѓе што ќе работат чесно и посветено за нивното добро.
Промени се случија и во Валандово, Дојран, Дебарца, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман и Чучер Сандево, каде што новите градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводат локалната власт. Вториот изборен круг само ја запечати сликата, ВМРО-ДПМНЕ потврди победа и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце и Чешиново-Облешево.
Со овие резултати, опозицијата е длабоко поразена. СДС и ДУИ мора сериозно да се консолидираат и реформираат. Потребна е конструктивна опозиција, заснована на аргументи и поддршка за реформи, а не на деструктивни политики и пракси како во времето на СДС и ДУИ.
Во СДС, неколкуте оставки не се доволни кога проблемот лежи во лидерството на Венко Филипче, човек кој беше дел од најкриминалната и најкорумпираната власт во поновата историја на Македонија. Додека тој ја води партијата, СДС ќе остане на дното, а овие избори се доказ дека граѓаните го испратија во историјата.
ВМРО-ДПМНЕ покажува дека има слух за сите граѓани, дури и за оние кои одлучија да не ја дадат својата поддршка никому. Новото раководство ќе работи на тоа да ја заслужи нивната доверба преку вистински промени, конкретни реформи и подобрување на животниот стандард.
Затоа што граѓаните заслужуваат повеќе, заслужуваат власт која ќе се бори за нив, а не против нив“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Го тепал со метална шипка, раце и нозе речиси половина час, па го оставил да искрвари на скали: eден осомничен за убиство во дојранско Сретеново
														Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 ноември попладнето, во близина на угостителски објект во селото Сретеново, Општина Дојран, со умисла лишил од живот едно лице. Сега починатиот Никола Тимев инаку претходно бил негов пријател со кого заедно седеле на скалите и пиеле, но во еден момент меѓу нив настанала вербална расправија која преминала во физичка пресметка.
Осомничениот најпрво го удирал оштетениот со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќе од десетина скршеници на раце, нозе и на черепот. Од ударите кои траеле речиси половина час, оштетениот не успеал да се одбрани и се здобил со тешки телесни повреди и обилно крварење, а осомничениот го оставил на скалите и побегнал. Повредениот го забележале случајни минувачи кои повикале итна медицинска помош и тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, но починал како резултат на здобиените повреди.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ја попречува постапката со влијание врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истрагата.
Македонија
(Фото) Гаши се сретна со досегашните претседатели на Собранието: Организирањето вакви средби за размена на искуства и мислења ќе бидат од големо значење
														Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, организира средба на која беа поканети досегашните претседатели на Собранието.
Средбата се одржа на 21 октомври 2025 година и на неа присуствуваа Тито Петковски, Саво Климовски, Никола Поповски и Трајко Вељаноски.

На почетокот на средбата претседателот Гаши се заблагодари за присуството, искажа голема почит кон Собранието, според него една од најзначајните институции во државата, кон функцијата претседател на Собранието, кон присутните и другите претседатели на Собранието за нивната работа, посветеноста на функцијата претседател на Собранието и умешноста во справувањето со предизвиците.

Благодарност за средбата беше изразена и од Петковски, Климовски, Поповски и Вељаноски кои Собранието, исто така, го сметаат за клучна институција, каде треба да се одвиваат сите политички процеси и дека само така Собранието ќе го добие вистинското место како претставнички орган на граѓаните и орган на законодавната власт.

Претседателот Гаши посочи неколку активности што во изминатиов период се случија и се во тек во Собранието, а се од големо значење како за Собранието така и за државата. Стана збор за Законот за прогласување на Просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона; за Националната развојна стратегија 2024-2044, донесена согласно Законот за Националната развојна стратегија од февруари 2024 година, од претходната власт, а поради своето стратешко значење беше основа во овој мандатен период за формирање на Интерпартиска парламентарна група за следење на нејзиното спроведување; примената на новиот Деловник, којшто ја зајакнува надзорната функција на Собранието преку дополнителна можност за поставување на пратенички прашања само за пратениците од опозиција и преку интерпелацијата која се разгледува како прва точка од дневниот ред; за Стратегијата за дигитална трансформација на Собранието и за нејзиното значење за работата на Собранието и неговата транспарентност.

На средбата стана збор за трите стратешки цели коишто во стратешките планови на Собранието изминативе неколку години беа присутни: финансиска независност на Собранието, независност на службата и независност на обезбедувањето. Претседателот Гаши потсети дека првите две стратешки цели во Законот за Собранието на Република Македонија успешно се реализирани со неговите измени во 2020 и 2021 година и дека за реализирање остана третата стратешка цел, безбедно Собрание преку независно Собраниско обезбедување.

Според него ова претставува најкомплексна стратешка цел затоа што вклучува повеќе аспекти: надлежности и делокруг на Министерство за внатрешни работи, законска рамка, подзаконски акти, статусот на службите и други важни прашања. Независноста на Собранието во однос на финансиите и во однос на Службата досегашните претседатели ја оценија како мошне значајна придобивка на законодавната власт, ги подржаа напорите на Собранието за реализирање на третата стратешка цел независно собраниско обезбедување, укажувајќи на значењето на ваквата независност на Собранието, но и на сложноста на самиот процес.

Позитивни мислења беа изнесени и за напорите за унапредувањето на транспарентноста на Собранието и за неговата отвореност, а беше укажано дека не секогаш има достапност до стенографските белешки од седниците на Собранието, што најверојатно се должи на новата веб стрaна на Собранието и новиот систем на е-парламент и мигрирањето на податоците.

Организирањето на вакви средби за размена на искуства и мислења, за разговарање за одделни прашања, средби со советодавен карактер, според претседателот Гаши ќе бидат од големо значење за секој носител на оваа функција, поради што предложи нивно почесто организирање и ги замоли присутните да размислат за основање на неформално тело, како совет или слично, тело каде ќе можат да се разменуваат искуства и мислења без политичко влијание, се наведува во соопштението од Собранието.

