Македонија
Македонија и 15 други земји заедно со Кина ќе соработуваат на полето на иновациите
Македонија и 15 други земји од Централна и Источна Европа заедно со Кина усвоија заедничка изјава за соработка на полето на иновациите и новите технологии, а во рамките на третиот форум Sarajevo Unlimited 2018, кој се одржува од 5 до 7 ноември во Сараево, Босна и Херцеговина.

Министрите и официјалните претставници на Македонија, Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Кина преку заедничкиот документ ја истакнаа важната улога на овој вид соработка и го поздравија досега постигнатиот напредок во поглед на иновациите и технолошкиот напредок на билатерално и мултилатерално ниво. Државите се обврзаа и понатаму да ја засилуваат соработката, истовремено искажувајќи посветеност на реализација на започнатите активности во овие земји во споменатите области.
„Владата на Република Македонија во 2018 година ја зголеми финансиската поддршка за иновации и технолошки развој за 13 пати или за 1300 проценти споредено со изминатите четири години. Воспоставени се три бизнис-акцелератори и неколку програми за развој на иновации кај младите. Имаме голем интерес за развој на регионални програми и проширување на билатералната соработка со сите земји од 16 + 1 иницијативата“, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и предводник на македонската делегација, во неговото излагање на денешната панел-дискусија организирана во рамките на форумот на тема на „Можностите за иновативна соработка под чадорот на иницијативата „16+1’“.
Преку оваа иницијатива, Кина го постави фокусот на три примарни области за економска соработка: подобрување на бизнис-инфраструктурата, високо развиени технологии и зелени технологии, како и полиња во кои соработката со академската фела е од примарно значење. Надоврзувајќи се на оваа цел, првиот човек на ФИТР ја истакна важноста на новите научни сознанија во поглед на раст и развој на бизнисот.
„Наша цел е да развиеме 100 до 150 успешни иновативни компании дома, да креираме успешни примери и потоа да ги поврземе со други компании од Југоисточна Европа, сѐ со цел креирање на повеќе можности. Имаме голем број компании што користат истражувачки кадри и факултети, па следна фаза ни е да ги вклучиме и универзитетите. Знаеме дека партнерството меѓу академијата и бизнисот е клучна, а во таа насока во моментот го градиме Технолошкиот парк во Скопје“, истакна Деспотовски.
Sarajevo Unlimited 2018 претставува регионален форум за иновација, технологија и претприемништво, прв од ваков тип во регионот. Целта на настанот е создавање платформа што ќе ги претстави и потенцира успешните приказни на она што веќе е постигнато во регионот во однос на имплементирање на иновациите во образованието и бизнис-екосистемот, но и поефикасно поврзување на инвеститорите, пазарите и релевантните институции.
Во рамките на третото издание на фестивалот се случува и поврзување со уште една важна иницијатива, „16+1“. Целта на Кина со оваа иницијатива е да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји членки на ЕУ и петте балкански земји во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

