Македонија
Мицкоски на конгресот на Европската народна партија

Утрово почна работниот дел на конгресот на Европската народна партија, каде што 758 делегати треба, меѓу другото, да го изберат кандидатот на ЕНП за претседател на Европската комисија.
Двете носечки теми на првиот работен дел од конгресот биле „Просперитет за сите – повеќе раст и работни места” и „Предизвиците на Европа со миграција”.
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски, придружуван од потпретседателот Александар Николоски, меѓународниот секретар Влатко Ѓорчев и советникот за надворешна политика Тимчо Муцунски, учествува во работниот дел на Конгресот.
Ден пред почетокот на конгресот, кога се одржа Политичкото собрание на ЕНП, Мицкоски оствари средба со Манфред Вебер, кој, најверојатно, ќе биде кандидат на ЕНП за претседател на Европска комисија. Во текот на Конгресот Мицкоски ќе се сретне со голем број претставници на сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ.
Вечерва Мицкоски ќе присуствува на Самитот на Европската народна партија, каде што ќе учествуваат претседателите, премиерите и лидерите на опозиција на најголемото и најмоќно политичко семејство во Европската Унија. Свое присуство на самитот веќе најавиле Ангела Меркел, Доналд Туск, Жан Клод Јункер, Себастијан Курц, Виктор Орбан, Андреј Пленковиќ, Јанез Јанша и Бојко Борисов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.