Македонија
(Видео) Демонстрантите пред судот: Иванов да го сопре прогонот врз Груевски
Пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Трајко Вељаноски, Зоран Илиовски, Крсто Јовановски, Јохан Тарчуловски и Невенка Стаменковска, како и ексфункционерот Оливер Андонов и Стевчо Јакимовски, заедно со насобраните граѓани пред кривичниот суд, побараа од претседателот Ѓорге Иванов да го прекине, како што велат, прогонот врз експремиерот Никола Груевски.
Александар Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека самоиницијативно како членови на партијата и почитувачи на ликот на Никола Груевски дошле пред зградата на судот за да упатат неколку пораки.
„Ова е политички прогон. Смешно е што главниот доказ е сè уште во Владата и секојдневно се користи. СЈО има една цел, а тоа е уништување на политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО е неуставно, а сите докази се прибавени на незаконски начин и не може да служат во судска постапка. Ги охрабруваме судиите да работат во согласност со законите“, рече Трајковски.
Тој додаде дека Иванов е единствен политичар што има кредибилитет да донесе одлука да го прекине, како што рече, прогонот кон Груевски.
„Го повикуваме претседателот Иванов, единствениот политичар што има кредибилитет, да донесе одлука да се прекине овој прогон. Упатуваме јасна и недвосмислена поддршка за Иванов. Упатувам и поддршка за Никола Груевски бидејќи сме благодарни за неговите залагања. Тој се бореше за правда, ние ја поддржуваме борбата“, рече Трајковски.
Демонстрантите велат дека покрај сите криминали во државата, на Груевски му се судело за набавка на „мерцедес“ што сè уште се возел.

„Ако ‘мерцедесот’ е купен од Владата и тој е продаден од Груевски, а парите си ги ставил во џебот, да разбереме дека треба да го судат“, велат тие.

Демонстрантите бараат и, како што велат, правда за обвинетите за 27 април. Тие извикуваат: „Никола, Никола“, „Бараме правда“, „Лопови“, „Слобода за браќата“, „Уа, корумпирани политичари, уа, Кацарска“.
„Ми кажаа дека ќе ме помилуваат. Реков – не треба, ќе лежам во затвор. Не треба некој да се помилува. Тие ни ја украдоа државата. Сите ќе лежиме иако сме неправедно осудени“, рече Петре Жежовски, кој е осуден на 2 години и 10 месеци затвор за настаните од 27 април.
По протестот, учесниците најавија дека ќе одат кај Иванов да го достават барањето за прекин на прогонот.
„Правдата за Груевски е правда за нас. Денес е тој, утре некој друг“, рече Трајковски.
Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО за незаконска набавка на „мерцедес“ од 600.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

