Македонија
Тодоров-Хан: Да запрат заканите кон оние кои не мислат како раководството на ВМРО-ДПМНЕ
Поранешниот висок партиски функционер и министер за здравство, Никола Тодоров, кого раководството на ВМРО-ДПМНЕ неодамна го исклучи од партијата, се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан на маргините на самитот на Европската народна партија, каде што се наоѓа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тодоров на својот фејсбук-профил објави фотографии од средбата со Хан и напиша дека двајцата разговарале за европерспективите на Македонија, како и за заканите кон оние кои мислат поинаку од актуелното партиско раководтство.
„Од двете страни беше изразена силна поддршка за евроинтегративните процеси на Македонија и потребата од имплементација на реформите неопходни за интеграција на Македонија во ЕУ. Беше истакната и неопходноста од демократизација преку измена на статутот на партијата со цел ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да дејствува како европска, модерна центар-десна партија“, напиша Тодоров.
Тој додаде дека од страна на Хан било потенцирано дека заканите и притисоците мора да запрат и била изразена јасна поддршка за одлучните и храбри чекори кои се во правец на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.
На Конгресот на ЕПП покрај претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николоски, секретарот за меѓународна политика Влатко Ѓорчев и советникот за меѓународна политика Тимчо Муцунски, за првпат беше поканета и втора партиска делегација, односно членовите кои ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи од партиските функци. Поканети биле разрешниот заменик-генерален секретар Петар Богојески и разрешениот член на Извршниот комитет, Костадин Богданов, како и разрешениот потпретседател на партијата, Митко Јанчев, и Никола Тодоров.
Јанчев и Богданов останаа во Скопје, додека за Хелсинки заминаа Богојески и Тодоров.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера оствари средба со Хан, по којашто еврокомесарот на неговиот твитер-профил напиша дека бил кристално јасен оти договорот од Преспа мора да се финализира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.
Македонија
Претпладне услови за магла, преку денот сончево со умерена локална облачност
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со постудени утра. Во текот на денот ќе преовладува сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла.

