Македонија
Дехари и Кадриу: Одлуката дека Груевски бил дискриминиран има политичка позадина
Ирфан Дехари и Беким Кадриу, кои се членови на Комисијата за заштита од дискриминација, изразија несогласување од мнозинското мислење на Комисијата која вчера утврди дека експремиериот Никола Груевски бил дискриминиран од страна на судот и судијката Добрила Карацарска во процесот за случајот „Тенк“ за набавката на „мерцедесот“.
Двајцата образложуваат дека мислењето на Комисијата има политичка позадина и е донесено без факти и докази за постоење на директна дискриминација.
„Истото мнозинство на Комисијата во поранешни случаеви не констатира дискриминација по претставката против Миленко Неделковски, кој беше чист случај на дискриминација, а одлучи за постоење на вознемирување во полза на Гордана Јанкуловска“, се вели во издвоеното мислење на двајцата членови на Комисијата.
Тие велат дека поткрепа за ова е и фактот што седницата не била одржана во четврток, каква што е праксата, туку во понеделник зад што најверојатно стои потребата да се донесе брзо мислење во полза на Груевски.

Во издвоеното мислење, Дехари и Кадриу додаваат дека во сите постапки на СЈО има лица со различен минат и актуелен статус, меѓу кои поранешни министри и градоначалници, а во сите тие случаи закажувањето и одржувањето на рочиштата било задолжително за сите учесници во постапката.
„Секој од обвинетите имал исти можности за спремање на правото на одбрана. Со тоа Комисијата не покажува дека подносителот на претставката бил понеповолно третиран бидејќи бил поранешен премиер и претседател на партија. Спротивно, тој бил третиран исто како сите други обвинети во овие постапки“, сметаат двајцата членови на Комисијата.
Дехари и Кадриу се децидни дека Комисијата не е орган за да цени дали е повредено правото на правично судење или правото на одбрана на обвинетиот, па оттука велат дека тоа не е во нивна надлежност.
Инаку, претседател на комисијата е Александар Даштевски од ВМРО–ДПМНЕ. Комисијата во септември донесе идентична одлука за поранешната министерка Јанкуловска, по што од страна на кривичниот суд беше доставена иницијатива за разрешување на Даштевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

