Економија
МЗШВ: Со ребалансот се обезбедија нови 20 милиони евра за капитални проекти во делот на водоснабдувањето
Со ребалансот на Буџетот, во делот на водостопанството се обезбедија дополнителни средства од над 23 милиони денари за проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар – 2 фаза, со што се овозможува почетокот на изградбата. Дополнително со ребалансот се обезбедија нови 20 милиони евра за капитални проекти во делот на водоснабдувањето кои ќе отпочнат со реализација следната година, соопшти Министервото за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Во моментот градежните активности за системот за наводнување „Равен – Речица“ полошкиот регион се во полн ек. Со овој систем се овозможува наводнување на над 3.300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Вкупната вредност на инвестицијата за реализирање на главниот доводен цевковод од системот за наводнување “Равен – Речица“ изнесува околу 975 милиони денари“ се наведува во соопштението.
Изградбата ќе се реализира во две фази и се очекува да трае 5 години. Реализацијата на овој капитален проект се финансира со средства од Буџетот на Република Македонија, преку Програмата за финансиска подршка на руралниот развој.
Паралалено, интензивно се гради и браната Конско, во гевгелискиот регион, каде што во оваа фаза од градежните активности градилишната населба, амбуланта и теренска лабораторија се веќе во функција. Со оваа брана, од сегашните 1.500 хектари, наводнуваните површини ќе се зголемат на околу 8.000 хектари. Висината на оваа инвестиција изнесува 40 милиони евра, обезбедени од буџетот на МЗШВ.
Во завршна фаза се преговорите со потенцијалниот понудувач односно изведувач на Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар 2 фаза по што ќе започне изградбата на системот за наводнување од Удово до Страиште, со кој ќе се наводнуваат нови над 2.000 хектари земјоделски површини во валандовскиот регион.
Неодамна, германската развојна банка KfW, и обезбеди на Македонија нови 20 милиони евра за реализација на проектите „Програма за наводнување на јужната вардарска долина фаза 3“ и „Повеќенаменски ХС Лисиче“ 2 и 3 фаза.
Овие два проекти од областа на наводнувањето се од исклучително значење за велешкиот и валандовскиот регион. Нивната реализација директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подoбрување на конкурентноста на земјоделството.
За 10-тина дена завршува реконструкцијата на системот за наводнување Врсаково во штипско. Станува збор за инвестиција во вредност од 40.000 евра. Овој систем за наводнување стои руиниран 20 години, сега со реконструкцијата ќе се обезбеди наводнување на нови околу 250 хектари земјоделски површни.
Интензивно се одвиваат градежните работи на браната на Оризарска река. Во завршна фаза е изградбата на патот до телото на браната, активно се работи на асфалтирањето и потоа почнува изградбата на браната. Со изградбата на оваа брана ќе се реши водоснабдувањето на повеќе населени места во општините Кочани, Виница и Чешиново-Облешево.
Исто така преку ИПА 2015 програмата на ЕУ, се одвида преку Проектот за „Мали економични и еколошки системи за наводнување“, во износ од 1,8 милиони евра. Во завршна фаза е проектирањето на 3 од 8 мали системи за наводнување, за кои до крајот на годината треба да се распише тендер за изведба. Идната недела започнува со проектирање уште на 2 системи за наводнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

