Македонија
Заев и Царовска во прифатниот центар во Визбегово: 96 бездомници добија достоинствени услови за живот
Премиерот Зоран Заев и министерската за труд и социјална политика, Мила Царовска, ги посетија семејствата кои се сместени во привремени живеалишта во прифатниот центар во Визбегово, а коишто досега живееја на отворено, под тврдината Кале.
Потенцирајќи дека Владата и Министерството за труд и социјална политика се определени да градат инклузивно општество, премиерот Заев во изјавата за медиумите истакна дека секој поединец е важен и секој треба да има еднакви можности за социјална вклученост.
„Граѓанските здруженија на овие луѓе ќе им помогнат заеднички да подготват индивидуални планови за вклучување на пазарот на труд, за социјална заштита и здравство, за обезбедување документи за лична идентификација, како и за вклучување на децата во образовниот систем“, рече Заев.
Посочувајќи дека ромската популација е една од најранливите во нашата земја, премиерот Заев истакна дека Владата и Министерството за труд и социјална политика силно се залагаат да се подобри целокупната состојба во којашто се наоѓаат.
Само до јули годинава, како што рече премиерот Заев, со учество во програмата за поддршка за самовработување, осуммина граѓани Роми, меѓу кои и една жена, изработиле сопствен бизнис-план, додека преку програмата „Поддршка за креирање нови работни места“ се вработени 24 лица, од кои половината се жени.
„Би истакнал дека социјалната реформа што стартува од почетокот на 2019 година значително ќе придонесе за активирање на пазарот на трудот на најранливите категории лица, а со тоа и нивно извлекување од сиромаштија.
Со воведувањето на детскиот и образовниот надоместок, коишто ќе можат да ги добиваат децата од семејствата каде што двајцата родители се невработени, но и децата во домаќинства со минимален приход, на секое дете ќе му овозможиме еднакви можност, како и вклучување во образовниот процес кој е основа за понатамошниот личен и професионален развој“, заклучи премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, од своја страна посочи дека поголем дел од лицата коишто привремено се сместени во Визбегово се корисници на социјална помош, но и дека сите имаат можност да се активираат на пазарот на трудот.
„Ние како одговорна влада не дозволивме изминатата зима да останат надвор и затоа ги сместивме во објект на Министерството за труд и социјална политика, а во меѓувреме ги изградивме овие 15 живеалишта во коишто имаат достоинствени услови за живот. Голема благодарност до меѓународната организација за имиграција – ИОМ и Фондација отворено општество кои се вклучија во овој процес“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Министерката Царовска додаде дека почнувајќи од следната недела социјални тимови ќе ги мапираат преостанатите лица коишто живеат на отворено под тврдината Кале и на сите без живеалишта, ќе им биде понудено привремено сместување.
„Македонија е социјална држава и подеднакво се грижи за сите граѓани да имаат достоинствен живот. Во привремените живеалишта во Визбегово сега се сместени вкупно 96 лица од кои 66 се деца. Со сместувањето во новите живеалишта добија достоинствени услови за живот и можност за активација на пазарот на трудот, а децата им се вклучени во образовниот процес. Со ова од идната година, откако ќе ја стартуваме социјалната реформа, овие лица ќе имаат можност за користење на детскиот и образовниот додаток“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
На новинарско прашање за други мерки кои ги планира Владата на Република Македонија за намалување на сиромаштијата меѓу ромската заедница, премиерот Заев потенцираше дека целта на Владата е да се згрижат што поголем броја деца, но и на родители кои питачат. Во таа насока, како што рече премиерот Заев, се реализираат бројни инфраструктурни проекти во ромските населби во Битола, Делчево, во Куманово, но и во други општини. Премиерот Заев додаде дека една од мерките за подобрување на состојбата на граѓаните Роми е можноста се пријават и да добијат социјален стан.
Во однос на предвидениот буџет за социјалните реформи, претседателот на Владата на Република, Зоран Заев, истакна дека во 2019 година тој ќе биде поголем и додаде дека се дополнително се реализира пакет мерки за искоренување на сиромаштијата кај ранливите категории граѓани, односно зголемувањето на социјалната помош за 300%, како и зголемување на бројот со дополнителни 60 илјади деца коишто од следната година ќе имаат право на детски и на образовен додаток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

