Македонија
Општина Радовиш: По 40 години добивме ново погребно возило
Презентација на новото погребно возило за потребите на општина Радовиш изврши директорот на тамошното комуналното претпријатие, Дејан Крстев, во присуство на радовишкиот градоначалник Герасим Конзулов и претседателот на општинскиот совет, Коле Чаракчиев.
Како што информираат од Општината, Крстев истакнал дека по 40 години радовишани добиваат ново погребно возило со кое, како што рекол, се решава долгогодишниот проблем на претпријатието со застареноста на возниот парк.
Покрај погребното возило, со цел обезбедување на квалитетни и ефикасни комунални услуги за потребите на граѓаните, градоначалникот Герасим Конзулов извршил и примопредавање на нова градежна машина – универзален ровокопач-утоварувач, како и промоција на специјалното комунално возило за собирање и транспорт на смет – донација од рудникот „Бучим“.
Градоначалникот најави и ново специјално возило за чистење на улиците и тротоарите на градот со што, како што наведуваат од општината, продолжува инвестирањето во модернизацијата на опремата на јавното комунално претпријатие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бидете сигурни дека нема да се формира Влада без нашите пратеници, велат од Европскиот фронт на ДУИ
Европскиот фронт преводен од Демократската Унија за Интеграција смета дека треба да важи правилото „победник со победник“ кога станува збор за коалицирање меѓу политичките партии при формирањето на новата Влада, а по резултатите од парламентарните избори.
Од тука истакнаа дека не може некој да го одбие легитимитетот на одредена политичка структура како што е Европскиот фронт, ако и тие бараат легитимитет од народот.
„Не може да станува збор за тоа. Ние сме консензуална демократија и како такви ќе функционираме. Секоја политичка авантура ќе биде ризична за европската иднина и за сите политички околности после 8 мај. Бидете сигурни дека ниту една влаејачка политичка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, затоа што ти се вистинските претставници на амбанскиот, бошњачкиот, турскиот и ромскиот народ. Политичките авантури неславно ќе завршат, а народот ќе победи“, беше истакнато на прес-конференцијата на партијата.
Најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за евентуална коалиција помеѓу нив и албанскиот опозициски блок ако победат на изборите, како и пораките дека ДУИ заминува во опозиција наидоа на остри реакции од страна на интегративците. Вчера и нивниот портпарол, Бујар Османи, се осврна на оваа тема, коментирајќи дека ДУИ смета оти е понижувачки за Албанците што партиите договараат коалиции пред одржувањето на парламентарните избори. Османи рече дека волјата на народот мора да се почитува.
Правилото „победник со победник“ беше прекршено од страна нАЖа ДУИ по изборите во 2016 година. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ имаше добиено 51 пратеник, СДСМ 49, но ДУИ како победник помеѓу партиите од албанскиот блок, одлучи да формира Влада со СДСМ, откако претходно со години беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кацарска: Судот ја покажува хуманата страна, над 30 вработени денес даруваат крв по повод 60 години Уставен суд
Со дарување крв вработените во Уставниот суд слават 60 години постоење на судската установа. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека крводарителската акција е само една од акциите кои ќе ги спроведат за одбележувањето на јубилејот.
„Уставниот суд на Република Северна Македонија оваа година слави значаен јубилеј. Тоа е 60 години од постоење на судот. Веќе беше најавено дека во текот на целата година во Судот ќе се преземаат најразлични активности токму заради одбележување на овој значаен јубилеј. Самите вработени дадоа идеја една од акциите кои ќе се спроведуваат во Судот да биде и крводарителската акција, што значи Судот ја покажува и онаа хумана страна. Повеќе од половина од вработените се пријавија за давање крв, што значи од вкупно 60 вработени повеќе од 30 денес се согласни да дадат крв“, рече претседателката Кацарска.
Крводарителската акција е под мотото „Биди хуман спаси живот“, а ја реализира Црвениот крст на Македонија.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.