Соопштенија
СДСМ: Автопатот Кичево – Охрид, наследство од криминалното владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ

Владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ беше симбол за корупција, криминал и неспособност, а автопатот Кичево – Охрид е наследство од тоа криминалното владеење, обвини СДСМ.
„Околу овој проект, кој граѓаните ги чинеше дополнителни стотици милиони евра, јавноста знае најмалку пет факти што го докажуваат обемот на штета направен заради остварување на криминалните интереси на Груевски. Владата на СДСМ ги санираше штетите од криминалното владеење и ги реши проблемите за овој автопат да биде завршен во интерес на граѓаните.
Факт број еден: Владата предводена од носителот на криминалот Никола Груевски зела кредит од 411 милиони евра за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Иако кредитот е земен, а парите потрошени, автопатот не е направен.
Факт број два: Владата предводена од СДСМ со автопатот Кичево – Охрид беше исправена пред две можности: Прво, автопатот да не се доправи, кредитот од 411 милиони евра да се исплати на штета на буџетот на Република Македонија и воопшто да нема автопат и второ, автопатот да се доправи со дополнителни пари за да нема непоправлива штета за буџетот и за граѓаните.
Факт број три: Доколку изградбата продолжеше по условите што ги договорила претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потребни ќе беа дополнителни 282 милиони евра.
Факт број четири: Владата предводена од СДСМ преку одговорен и домаќински пристап ја спушта цената на дополнителните трошоци на 187 милиони евра, односно заштедува 95 милиони евра пари на граѓаните.
Факт број пет: За криминалниот договор за автопатот отворен е случајот „Траекторија“ за злоупотреба на 155 милиони евра народни пари, а меѓу осомничените се носителот на криминалот Никола Груевски и неговата десна рака Миле Јанакиески.
Додека Христијан Мицкоски го брани криминалот на неговиот ментор, Владата предводена од СДСМ ги санира штетите од криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски и продолжува да спроведува мерки што обезбедуваат развој на инфраструктурата, економски раст и повисок животен стандард на сите граѓани.
Автопатот Кичево – Охрид ќе биде изграден, правда и одговорност за сторените дела мора да има“, порача СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Трајановски: Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз

Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.
„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.
Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.
Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.
Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.
Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.
„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.
Соопштенија
Герасимовски: Исчистена депонијата под Кале, не дозволуваме центарци да се гушат во смет

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – ПОЦ и вредните хигиеничари денеска спроведоа акција за чистење на депонијата кај полигонот на Кале.
Во изјава за медиумите, Герасимовски потенцираше дека изминатите четири години го сработуваат и она што Град Скопје не го работи.
„Денеска се чисти просторот под Кале, добро познатиот полигон, каде што се сочуваме со огромна депонија. Нема да дозволиме центарци да се гушат во смет. Заедно со нашите тимови на луѓе, заедно со хигиеничарите, заедно со сите вработени сме постојано на терен, дури и во ноќните часови. Изнајмивме дополнителна механизација за цело ѓубре што се прелева на улиците и на одредени депонии биде отстрането од наша страна“, вели Герасимовски.
Тој, истакна дека по завршувањето на чистењето на депонијата во населбата Крњево, викендов хигиеничарите продолжиле со чистење и целосно отстранување на опожарените бараки во кои беше сместен поранешниот Суд за прекршоци, кај салата „Партизан“ во Градскиот парк.
„Нашите служби, заедно со мене, заедно со директорот на ПОЦ Душко Коцевски ќе бидеме постојано на терен за да ја подигнеме хигиената на што повисоко ниво“, потенцираше Герасимовски.
Во чистењето на депонијата кај Кале, вклучена беше целата механизација со хигиеничарите, според соопштеното.
Соопштенија
ЗНАМ: Вложуваме во повеќе паркови и зеленило, инвестираме во здрава иднина на граѓаните

Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, денеска ги претстави приоритетите од изборната програма за идниот мандат во Куманово посветени на подобрувањето на животната средина со повеќе паркови и зеленило.
„Зелените површини и парковите се белите дробови на градот. Тие обезбедуваат чист воздух, создаваат простор за одмор, дружење и рекреација, а истовремено ја зголемуваат убавината и квалитетот на урбаното живеење. Вложувањето во паркови и зелени површини значи инвестиција во здравјето на граѓаните, подобра животна средина и одржлива иднина за сите“ изјави кандидатот за советник од редовите на Движењето ЗНАМ Душан Крстиќ.
Тој нагласи дека Општина Куманово целосно ги реконструираше двата најголеми паркови – Соколанскиот Градскиот парк, исклучително важни локации што го разубавуваат градот и се одлично место за рекреација на граѓаните. А, за идниот период најавуваат уште позасилено темпо на работа и повеќе десетици проекти. Меѓу кои:
· Изработка на стратегија за урбано зеленило и делување според акцискиот план.
· Урбан сквер со зелена површина или мини парк во секоја локална заедница.
· Воспоставување катастар на зеленило.
· Заштита на сите неизградени, а планирани зелени површини во опфат на Генералниот урбанистички план и нивна реализација како уредено зеленило во паркови со урбана опрема.
Пет нови паркови:
· Изградба на нов парк на влез во с. Проевце;
· Изградба на урбан сквер „Гоце Делчев“ со парк, фонтана и урбана опрема на влез во населба Гоце Делчев;
· Нов парк на место на времените објекти на локалитет Табакана.
· Парк со урбан сквер и шеталиште до Спортската сала, спроти Градскиот кеј по должина на бул. „Октомвриска револуција“.
· Парк на улица „Карадачки одреди“ во населба Тоде Мендол.
· Збогатување на содржините на Спомен костурница со ново игралиште, нова урбана опрема, простор за пикник и рекреација.
· Изградба на урбани зелени скверови на локација Ловец, до поранешен хотел „Кристал“, на ул. „Гоце Делчев“, на завршеток на ул. „Илинденска“ со ул. „Доне Божинов“, на место на времени објекти помеѓу ул. „Трст“ и ул. „Доне Божинов“.
· Нови дрвореди на ул. „Ленинова“, ул. „Браќа Рибар“ (Нагорички сокак), бул. „Октомвриска револуција“, бул. „Трета МУБ“ и на други локации каде има услови.
· Уредување на сите водни текови согласно Студија за водни текови на територија на Општина Куманово.
· Уредување на просторот околу речните корита со зелени површини, трим патеки, урбана опрема и простор за рекреација.
· Промоција на позитивни примери на општествено одговорни граѓани, обезбедување грантови и кампањи за поттикнување на еко активизам.
· Пешачка патека во шумскиот предел на локација Студена вода со летниковци за одмор до с. Биљановце – погодна за развој на детско извидништво.
· Уредување на просторот меѓу ул. „Вараждинска“ и бул. „Октомвриска револуција“ со урбана опрема и зеленило.
· Уредување на државно неизградено земјиште меѓу блок згради на бул. „Октомвриска револуција“, како и во населба Гоце Делчев и Зелен Рид.
· Поставување на систем за наводнување „капка по капка“ на зелени површини долж бул. „Трета МУБ“, бул. „Октомвриска револуција“ и на други зелени површини.
· Поставување фонтани за пиење вода на повеќе локации.
· Поставување јавни тоалети во сите градски паркови и во центарот на градот.
„Куманово денес ја покажува својата посветеност кон поубава и поздрава животна средина. Секое засадено дрво е дел од нашата грижа за иднината, секој уреден парк е симбол на општината што мисли на своите граѓани.
Зелено Куманово не е само проект – тоа е наш заеднички дух, начин да покажеме дека се грижиме за градот и идните генерации. Со повеќе паркови, повеќе дрвја и чист воздух, Куманово станува град по мерка на човекот – модерен зелен дом за сите нас“.