Македонија
Шекеринска во Виена: Македонија е позитивен пример во регионот
Македонија е позитивен пример во регионот, изјави вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, на Европски форум што се одржува во Виена на тема „ЕУ како водечки актер за безбедност и одбрана“.
Министерката се обрати на панел-дискусијата посветена на Југоисточна Европа, Македонија и нејзината улога во стабилноста на ЕУ.
„Македонија неодамна имаше успешен исход на пристапните разговори за членство во НАТО и очекуваме позитивните тенденции да продолжат и да резултираат и со почеток на преговори со ЕУ. Сето тоа е резултат на долги подготовки и соработка со алијансата и со ЕУ за исполнување на политичките и воено-безбедносни стандарди. Вложивме огромни напори и посветеност и остануваме на тој пат“, истакна министерката.
Шекеринска наведе дека за првпат е забележан напредок и во политичката клима во Македонија со учество на дел од опозицијата во процесот на уставни измени кои се неопходни за членството во НАТО и дека тоа е резултат на заложбите на сите да ја видат Македонија успешна и интегрирана во Европа.
Министерката ги посочи договорите со Грција и Бугарија како пресвртна точка во надворешната политика на Македонија и евро-атлантските интеграции и притоа рече дека нивното постигнување барало многу работа и откажувања но сето тоа вреди бидејќи е осигурана иднината на граѓаните.
„Убедена сум дека дијалогот е единствениот начин за сите нас во регионот да ги надминуваме билатералните разлики и недоразбирања. Искрено се надевам дека нашиот пример ќе служи како поттик во развојот на односите меѓу земјите од регионот“, рече министерката.
Таа заклучи дека политиката на проширување на ЕУ е инвестиција во мирот, безбедноста, просперитетот и стабилноста на Европа и дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде голема победа на Европската Унија. Како аргумент Шекеринска ги наведе зголемувањето на економските и трговски можности, како и подобрувањето на животниот стандард на земјите аспиранти од една страна и зголемената трговија за Европската Унија од друга страна.
Домаќини на Форумот беа Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и Дипломатската академија на Виена, а учествуваа повеќе актуелни и поранешни функционери од регионот, Австрија и пошироко, како и авторитети од областа на одбраната и безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

