Македонија
Град Скопје: Загаденоста е повеќедецениски проблем, дел од мерките нема да бидат популарни

Градот Скопје реагира на прес-конференцијата на членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, поврзана со предлогот за воведување систем на налепници при регистрацијата на возилата според нивното загадување.
Oттаму велат дека проблемот со загаденоста на воздухот не е од вчера, туку станува збор на повеќедецениски проблем за чие решавање е потребен сестран интегриран пристап, со реализација на голем број активности и мерки на краток, среден и долг рок.
„Сигурни сме дека дел од решенијата нема да бидат популарни, но здравјето на граѓаните е од највисок приоритет и само со заеднички напори и жртва може да се постигнат резултати и подобрување на состојбата во оваа област. Градот Скопје, во рамките на своите надлежности, работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување активности дефинирани со планот за подобрување на квалитетот на воздухот, кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.
Според стручните студии за загадувањето на воздухот во Скопје, сообраќајот и возилата се вториот по големина загадувач со учество од околу 20%. Со цел намалување на загадувањето во оваа област, потребно е да се реализираат проекти и мерки од сите институции кои имаат ингеренции и задолженија во оваа сфера.
Токму во насока на намалувањето на загадувањето од областа на сообраќајот, Градот Скопје е во постапка на набавка на 40 нови еколошки автобуси, инвестира во подобрување на електромобилноста преку поставување полначи за електрични возила и овозможува бесплатно полнење и паркирање за овие возила. Дополнително, се работи и на подобрување на инфраструктурата и на условите за користење на велосипедот како превозно средство.
Конкретните измени во Законот за возила, кои се на иницијатива на Град Скопје, се далеку поефективни и поправични во однос на алтернативата што се спроведува во некои метрополи, а тоа е забрана за користење на возилата по принципот „пар-непар“.
Со овие измени се предвидува воведување еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило).
Согласно со одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди загаденост на воздухот над прагот на дозволеното во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони.
Паралелно со оваа постапка, Владата на Република Македонија ќе почне постапка за субвенционирање за набавка на нови хибридни и електрични возила, за кои ќе се предвидат субвенции од 5 000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3 000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило. Дополнително, предвидени се и субвенции за надомест на трошоци за вградување уред на погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во постојните возила“, се наведува во реакцијата на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ обвинува: Влада на ВМРО-ДПМНЕ фатена во голем скандал со назначувањето на директорката за Еразмус+

СДСМ обвинува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ е фатена во голем скандал со назначувањето на в.д. директорката на Националната агенција која располага со средствата од Еразмус+.
Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, истакна дека Ана Михајлов, првиот човек на агенцијата е под активна истрага на ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами. Според СДСМ, ова ја урива довербата на младите во институциите.
СДСМ тврди дека назначувањето било направено „во координација“, но без согласност од Европската унија, која експлицитно го оценила огласот како нелегитимен и барала повторно објавување за нови кандидати.
Според свиркачите, причината за тоа е кандидатурата на Ана Михајлов, која од 2014 до 2017 година, заедно со Дорина Ѓорчева, доделила преку 8 милиони евра, што според СДСМ е предмет на истрага за можна проневера на европски средства.
Манасков исто така го спомена Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, како и поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“.
СДСМ бара Владата веднаш да ја разреши Ана Михајлов и да обезбеди услови истрагата на ОЈО да продолжи, а Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани во скандалот да одговараат.
Македонија
Скопјанец под истрага за илегално држење и продавање марихуана

Скопското Обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Осомничениот 23-годишник, во автомобил „опел корса” неовластено држел 57 пакувања марихуана со вкупна нето маса од околу 72 грама, наменети за натамошна продажба.
Автомобилот бил во негова сопственост и одреден период оставен на паркинг на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов”. По претходна пријава возилото било обезбедувано под надзор на полициски службеници.
На 27 јуни осомничениот се доближил до автомобилот и бидејќи не можел да си ги пронајде клучевите, насилно го скршил задното стакло, по што извлекол црна најлонска вреќа со повеќе пакувања марихуана и дигитална вага. Веднаш бил забележан од полицијата, па ја фрлил вреќата и се дал во бегство.
Не бил достапен на органите на прогонот до 11 август кога сам се пријавил во полициска станица, што за јавниот обвинител е потврда на ризикот осомничениот со бегство да го избегнува кривичниот прогон.
Исто така постојат особени околности кои укажуваат на опасност да го повтори делото, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Лимани: Конечно го деблокиравме процесот на полагање стручни испити за добивање лиценци за работа во детските установи

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани денеска во изјава за медиуми го најави започнувањето на полагањето за стручни испити за добивање лиценци за работа во детските установи, процес кој беше во застој од 2023 година.
Во своето обраќање пред медиумите тој истакна дека лиценцата за работа за воспитувачи, негувателки, стручни работници, соработници и директори е задолжителен предуслов за вработување во градинките.
„Поради нефункционален електронски систем за полагање, голем број кандидати не можеа да пристапат кон испитот, што предизвика застој токму кога имавме најголема потреба од кадар во градинките на национално ниво. Со цел надминување на оваа ситуација, извршивме измени во Законот за заштита на децата, со кои се овозможи стручниот испит да се спроведува во хартиена форма како привремено решение, до 1 јануари 2026 година. По тој рок, процесот на лиценцирање ќе продолжи електронски,“ истакна Лимани.
Денеска полагаат околу 350 лица, а до крајот на овој месец, уште 350 кандидати ќе имаат можност да го завршат овој важен процес и да се стекнат со соодветна лиценца за работа.
„Сакам да нагласам дека сите пристигнати барања за стекнување со лиценца детално се разгледуваат, и секој барател ќе биде исконтактирано од страна на Комисијата. Министерството останува посветено на создавање фер, инклузивен и ефикасен систем на детска заштита,“ посочи Лимани.
Министерот истакна дека со законската измена се создаваат услови за нови вработувања и се поддржуваат млади професионалци кои ќе придонесат во градењето на иднината на нашите најмлади генерации.