Македонија
Владата усвои нови мерки за поддршка на бизнисот

Неколку мерки и проекти чија суштина е поддршка на бизнис заедницата во усвои во петокот поладне македонската влада на својата четврета седница, информираше премиерто Никола Груевски на прес конференција.
Тој истакна дека владата го усвоила Акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развојот за почеток со реализација и користење на четвртата евтина кредитна линија за македонските компании, чија вредност е нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува 5,5%.
Првите 15,3 милиони евра за 66 претпријатија ќе можат да почнат да се влечат веќе од втората половина на месец јули 2014 година, рече Груевски.
Целта на кредитната линија е да се обезбеди подобрување и развој на производните способности на малите и средни претпријатија. Средствата ќе бидат наменети за компании кои со нивите вложувања придонесуваат за пораст на вработеноста, зголемување на извозот и поголема додадена вредност. Со кредитната програма малите и средните претпријатија ќе добијат значајна финансиска поддршка, што ќе придонесе за јакнење на нивните конкурентни предности на домашниот и странските пазари, и подобрување на нивната ликвидност и профитабилност.
Согласно планот до крајот на 2014 година се планира да се повлечат вкупно 40 милиони евра, додека останатите 60 милиони евра до крајот на наредната 2015 година.
Тој потсети на трите досега реализирани кредитни програми во вкупен износ од 250 милиони, од што главните ефекти се 5.303 нови работни места и поддржани 1.219 проекти на мали и средни претпријатија
Со реализацијата на оваа најнова четврта евтина кредитна линија во вредност од нови 100 милиони евра се очекува да се отворат 2150 нови работни места, што е најзначајна придобивка за Владата, рече Груевски.
Како втора мерка усвоена на денешната седница е висината на глобата за правните лица и трговците поединци да се одредува врз основа на нивната големина
Одмерувањето ќе се врши врз основа на следните критериуми: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец и претходно поведение на сторителот.
По основ на критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин-за субјекти кои имаат приход од 0-500 000 денари – 10% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 21.092 субјекта, за субјекти од 500 001 до 1 000 000 – 20% , за субјекти од 1 000 001 до 3 000 000 денари – 30%, за субјекти од 3 000 001 до 6 000 000 денари – 40%, за субјекти од 6 000 001 до 20 000 000 денари – 50%, за субјекти од 20 000 001 до 100 000 000 денари – 60%,за субјекти над 100 000 000 денари – 70% од пропишаната глоба за тој прекршок.
По основ на критериумот просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец, може да се изрече најмногу до 20% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:Од 0 до 9 вработени – 5%, од 10 до 49 вработени – 10%,од 50 до 249 вработени – 15%, над 250 вработени – 20%
По основ на критериумот претходно поведение на сторителот може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин, -доколку субјектот нема изречено претходни санкции – 0%, а доколку субјектот има изречени правосилни претходни санкции – 10%
Одмерувањето на висината на глобата според претходно кажаните критериуми ќе се врши на тој начин што процентот од пропишаниот износ на глобата ќе претставува збир на сите проценти добиени во зависност од категоријата на во која влегува сторителот во рамките на секој пропишан критериум, појасни Груевски.
Тој наведе и еден пример во случај на една глоба од 10 000 денари.
Доколку прекршок стори субјект кој има приходи до 500 000 денари годишно и има до 9 вработени, и претходно нема сторено таков прекршок, тогаш тој ќе плати глоба пресметана на следниот начин:-Врз основа на приходот кој му е до 500 000 денари тој ќе плати 10% од предвидената глоба, значи 1000 денари.врз основа на бројот на вработени кој е до 9 вработени тој ќе плати 5% од предвидената глоба, значи 500 денари.Значи субјектот наместо 10 000 денари како што беше досега согласно досегашниот закон, сега согласно новиот закон ќе плати 1500 денари, појасни премиерот.
Како трета мерка во насока на подобрување на капацитетите на домашните компании, Владата одлучи да се започне со реализација на последната фаза на проектот Топ менаџмент кој исто така е дел од програмата за работа на Владата.
Проектот Топ менаџмент опфаќа реализација на практична обука на менаџерите од домашни компании, и тоа во рамките на странски компании. Странските компании во кои ќе биде изведувана практичната работа ќе бидат од сферата, односно гранката, во која припаѓа и домашната компанија. Со овој проект ќе бидат опфатени 140 менаџери од македонски компании, кои веќе врз основа на јавен и транспарентен оглас во изминатиот период беа селектирани и ја имаат поминато теоретската обука.
Практичната обука ќе се спроведе во високо развиена земја во странство во траење од еден месец. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.